08 мај 2026
• од Гоце Кически
На прес-конференција на СДСМ, членот на Извршниот одбор и секретар за меѓународна соработка, Андреј Жерновски, упати остри критики кон лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, обвинувајќи го за, како што рече, „континуирано манипулирање на граѓаните и политичка амнезија“ во однос на ставовите за Преспански договор.
Жерновски посочи дека новата кампања на ВМРО-ДПМНЕ, според СДСМ, претставува „нов бран на стари лаги“, во која владејачката партија се обидува да ги убеди граѓаните дека никогаш не ветувала поништување на Преспанскиот договор, ниту враќање на старото име на државата.
„Денеска слушаме тврдења дека ниту Мицкоски, ниту ВМРО-ДПМНЕ никогаш не кажале дека ќе го поништат Преспанскиот договор или дека нема да го користат уставното име. Но, граѓаните добро паметат, а постојат и бројни јавни изјави што го потврдуваат спротивното“, изјави Жерновски.
Тој потсети на повеќе, како што рече, јавно дадени ветувања од Мицкоски во периодот додека бил во опозиција, меѓу кои и изјавите дека „Преспанскиот договор нема да биде завршена работа“ и дека „никогаш нема да каже Северна“.
„Токму кога го доби мандатот, го изговори ‘Северна’ толку јасно што сè уште одѕвонува во собраниската сала. Тоа е најдобриот доказ за разликата меѓу она што го ветуваше и она што денес го прави“, рече Жерновски.
Во обраќањето, претставникот на СДСМ се осврна и на предлог-законите поврзани со двојното државјанство, обвинувајќи го Мицкоски дека се повлекол од сопствените иницијативи веднаш штом СДСМ понудила, како што рече, „поодговорно и подостоинствено законско решение“.
„Што прави Мицкоски кога ќе го фатите во лага? Одговара со нова лага“, порача Жерновски.
Тој оцени дека, според СДСМ, „лажниот патриотизам и политичките манипулации претставуваат најголема закана за државните позиции и националниот идентитет“, најавувајќи дека партијата ќе продолжи да се залага за нови антикорупциски законски решенија.
„На државата ѝ треба чесно, одговорно и транспарентно владеење, а не политика базирана на лаги и дневни манипулации“, порача Жерновски на крајот од прес-конференцијата.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

