08 мај 2026
• од Темелко Тошев
СДСМ соопшти дека од денеска привремено ги исклучува коментарите на официјалните профили на партијата на социјалните мрежи, наведувајќи дека е цел на организирани напади преку, како што тврдат, „платформи и трол-фарми“.
Од партијата обвинуваат дека против нив се користат координирани мрежи за ширење дезинформации, поврзувајќи ги нападите со ВМРО-ДПМНЕ, српската СНС и медиумски структури кои, според СДСМ, се дел од „Орбановата медиумска мрежа“ во земјава.
„Со оваа Гебелсова метода – илјада пати повторена лага станува вистина, граѓаните повеќе не можат да ја разликуваат лагата од вистината“, се наведува во соопштението.
Од СДСМ велат дека започнуваат, како што наведуваат, „отворена борба за вистината“ против, според нив, организирани мрежи за ширење лажни информации и политичка манипулација.
Во соопштението се наведува и дека против дел од лицата поврзани со оваа медиумска структура веќе биле започнати истражни дејствија од унгарската полиција, а се очекувало и вклучување на Европското јавно обвинителство.
СДСМ оценува дека ваквите практики претставуваат сериозна закана за демократскиот процес и информирањето на јавноста, додавајќи дека во наредниот период ќе презентира дополнителни информации и докази за, како што велат, организираниот систем на дезинформации.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

