29 септември 2026
• од Гоце Кически
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека нема намера да го продолжи европскиот пат на државата и дека барањето дополнителна помош и посредување од Европската Унија е само изговор.
„Сè што кажува премиерот Христијан Мицкоски дека е потребно да се направи, дека е потребна некаква помош или претставник од Европската Унија, сè е лага. Едноставно, човекот нема намера да го продолжи европскиот пат на земјата“, рече Филипче.
Тој потсети и на посетите на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, како и на европскиот предлог од 2022 година. Според Филипче, тврдењата дека македонскиот идентитет и јазик се загрозени од европскиот процес се користат како оправдување за застојот во евроинтеграциите. Слични ставови Филипче изнесуваше и претходно, обвинувајќи ја Владата дека нема вистинска намера да го продолжи процесот.
Филипче предупреди дека Северна Македонија ризикува дополнително да заостане зад другите земји кандидати. Според неодамнешни информации објавени од „Политико“, Европската Унија разгледува посебни патокази со временски рамки за Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија, кои во моментов се сметаат за земји најблиску до следните фази од процесот на проширување. Северна Македонија не е меѓу четирите земји опфатени со овие предлози.
„Ако оваа шанса не се искористи, кој знае дали ќе имаме втора шанса. Што ќе правиме? Има ли план премиерот? Вака ќе бидеме изолирани“, рече Филипче.
Тој оцени дека продолжувањето на европските интеграции е важно за економскиот развој, животниот стандард и задржувањето на младите во земјата, обвинувајќи ја актуелната власт дека со својата политика ја оддалечува Северна Македонија од Европската Унија.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

