07 октомври 2026
• од Гоце Кически
Европската комисија објави дополнителни детали за планот за подготовка на ЕУ за идното проширување, со промени во одлучувањето, посилни механизми за владеење на правото и постепено вклучување на кандидатите во европските политики уште пред членството.
Според Комисијата, Унијата може да прими нови членки без големи промени на европските договори. Наместо тоа, Брисел предлага почесто користење квалификувано мнозинство во одредени области, меѓу кои санкциите, борбата против даночните измами и дел од енергетската политика.
Промени се предлагаат и во самиот процес на пристапување. Комисијата препорачува одлуките за отворање на преговарачките кластери и дел од меѓуфазните одлуки да може да се носат со квалификувано мнозинство, што би го намалило просторот една земја членка сама да го блокира напредокот на кандидатите.
За идните членки се предвидуваат и построги заштитни механизми доколку по приемот дојде до сериозно назадување во владеењето на правото или почитувањето на европските вредности. Во најтешки случаи би можело да се разгледува и суспендирање на гласачките права.
Комисијата предлага и новите членки, во ограничен период по приемот, да не ги блокираат идните проширувања или одлуките поврзани со билатерални спорови. Сите вакви мерки би биле привремени, насочени и подложни на редовна проверка.
Истовремено, кандидатите треба постепено да добиваат пристап до делови од единствениот европски пазар и до соработката во енергетиката, транспортот, дигиталниот сектор и одбраната. Тоа ќе зависи од спроведените реформи и усогласувањето со политиките на ЕУ.
Финансиската помош, пак, ќе остане директно поврзана со реформските резултати. Исплатите ќе може да се намалат или суспендираат ако договорените услови не се исполнуваат.
Како следен чекор, Комисијата најави индикативни патокази за Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина, доколку тие го задржат темпото на реформите.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

