06 август 2026
• од Тодор Вангелов
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека проектот за железничкиот Коридор 8 е оптимизиран и дека, за разлика од претходно, сега обезбедува целосно поврзување меѓу Македонија и Бугарија, наместо изградба на „половина тунел“.
На потпишувањето на договорите за финансирање на железничката делница Крива Паланка – Деве Баир, Мицкоски рече дека во изминатите две години бил постигнат напредок во разговорите со Бугарија, при што биле потпишани договори и обезбедена посветеност за модернизација на железничката врска од бугарската страна кон Софија.
Тој нагласи дека тунелот на граничниот премин се очекува целосно да биде финансиран со грант од Европската комисија, а целиот проект, според него, сега претставува функционална целина што ќе има економска вредност.
Мицкоски најави дека тендерот за изградба на делницата долга повеќе од 22 километри треба да заврши до крајот на годинава, а градежните работи да започнат уште во текот на оваа година. Тој изрази уверување дека македонските градежни компании ќе имаат значајна улога во реализацијата на проектот.
Осврнувајќи се на критиките од опозицијата за изгубениот грант од 60 милиони евра, премиерот порача дека новата финансиска конструкција обезбедува проектот да не заврши како нефункционална инвестиција, туку како железничка врска што ќе носи економски придобивки.
Тој додаде дека во рамки на Реформската агенда е предвидена и модернизација и електрификација на железничката линија Скопје – Јегуновце – Тетово – Гостивар.
Според Мицкоски, источниот дел од Коридорот 8, за кој се зборува повеќе од три децении, конечно има затворена финансиска конструкција. Проектот, како што рече, ќе биде поддржан со грант од 169 милиони евра од Европската комисија, како и со средства од Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој.
Во однос на западниот дел од Коридорот 8, кој треба да ги поврзе Гостивар, Кичево и границата со Албанија, премиерот нагласи дека трасата ќе се планира внимателно, во согласност со препораките на УНЕСКО, за да се зачува статусот на Охридскиот Регион како светско природно и културно наследство.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

