24 септември 2026
• од Гоце Кически
Внесувањето на Бугарите во Уставот е клучен услов за отворање на преговорите за фундаменталните прашања со Европската Унија, порача евроамбасадорот Михалис Рокас на 25. состанок на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ – Северна Македонија во Собранието.
Рокас, кој се обрати во име на европските институции, нагласи дека политичката цел на ЕУ останува што поскоро да се отворат преговорите во оваа област, откако ќе бидат исполнети критериумите усвоени од Советот на ЕУ.
„Тоа значи, прво и пред сè, дополнување на Уставот со Бугарите“, порача Рокас, додавајќи дека за тоа е потребна поддршка од Собранието.
Тој истакна дека парламентот треба да остане место за дијалог и соработка околу европските реформи. Како позитивни примери ги посочи законите што во изминатиот период биле усвоени со поширока политичка поддршка.
Рокас посочи и дека билатералните договори со соседите треба да се спроведуваат во добра волја. Тој конкретно ги наведе Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.
Според него, добрососедските односи не се важни само за политичката стабилност и европската интеграција, туку носат и директна економска корист за земјите и нивните граѓани.
Како примери ги наведе транспортната, енергетската и инфраструктурната поврзаност, вклучително и работата на Коридорите 8 и 10, нафтоводот од Солун до Скопје и енергетските интерконекции.
Рокас истакна дека токму овие проекти покажуваат како соработката меѓу соседите може да донесе економски развој, подобра поврзаност и поголем просперитет за сите страни.
Евроамбасадорот ја поздрави и целосната усогласеност на Северна Македонија со надворешната и безбедносната политика на ЕУ, вклучително и во однос на руската агресија врз Украина, како и активната улога на земјата во НАТО.
Тој оцени дека има напредок и во реформската агенда и Планот за раст, но посочи дека остануваат сериозни предизвици во владеењето на правото, судството, борбата против корупцијата, слободата на изразување и заштитата на животната средина.
Посебно внимание, според Рокас, треба да се посвети на финансирањето на судството, реформите во правосудниот систем, борбата против корупцијата, нападите врз новинарите, како и на подобрувањето на квалитетот на воздухот и управувањето со отпадот.
На крајот, Рокас порача дека Европската Унија ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија во реформите и во напорите за побрза европска интеграција.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

