07 јуни 2026
• од Темелко Тошев
Проблемот со вработените кои земаат плата, а не доаѓаат на работа, ќе се решава со воведување на нови биометриски системи во сите клиники и здравствени установи.
Иако се малку на број, во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) сè уште има вработени кои примале плата без воопшто да се појават на своето работно место. Надлежните досега не можеле да преземат конкретни мерки против нив, бидејќи нивните електронски картички за евиденција редовно биле регистрирани (чекирани) од други лица.
Конечното решение за ставање крај на оваа злоупотреба се очекува да се реализира преку поставување на апарати за идентификација со отпечаток од прст во сите клиники и државни здравствени институции.
Речиси сите вработени во Институтот за јавно здравје кои не доаѓале на работа, а примале редовна плата преку злоупотреба на електронските картички, самите дале отказ. Ова уследило откако од нив било побарано да почнат да работат со полно работно време.
Директорката на Институтот, Марија Андоновска, информираше дека ситуацијата е значително подобрена и оти во моментов на платниот список се останати само две до три лица од оваа категорија.
Министерот за здравство, Азир Алиу, децидно изјави дека законот е јасен и мора строго да се почитува од сите.
„Доколку еден вработен отсуствува од работното место неоправдано три дена по ред, тој треба да биде отпуштен од работа“, посочи Алиу.
Тој оценува дека воведувањето на новиот систем за евиденција на влез и излез преку отпечаток од прст е неопходен чекор кој ќе обезбеди многу поефикасна и потранспарентна контрола врз работното време на здравствените работници и администрацијата.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

