05 јуни 2026
• од Темелко Тошев
Фудбалскиот клуб Шкендија упати жестоки критики до Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), оценувајќи ја како „скандалозна“ одлуката со која клубот е казнет со исклучување од Купот за наредната сезона и со астрономска парична казна од вкупно 105.000 евра.
Казната дојде по срамните сцени и инцидентите на неодамнешното финално соочување против Силекс, но раководството на тетовските „црвено-црни“ смета дека ваквата санкција е тенденциозна. Од клубот отворено предупредуваат дека доколку ФФМ не ја преиспита одлуката, главниот спонзор, компанијата „Еколог“, сериозно размислува целосно да се повлече од македонскиот фудбал.
Преку официјално соопштение, од Тетово порачуваат дека е недозволиво на ваков начин да се урива еден од најстабилните спортски проекти во државата.
„По последната одлука на Фудбалската федерација на Македонија кон Шкендија, спонзорот на клубот бара оваа, како што ја оценува, скандалозна одлука итно да биде преиспитана и коригирана. Поради тоа, неприфатливо е со одлуки донесени зад затворени врати да се нанесува штета на еден сериозен проект и ваквиот придонес да биде ‘награден’ со намерни удари.“
Од таборот на актуелниот шампион потсетуваат на нивниот огромен финансиски и спортски придонес, нагласувајќи дека токму благодарение на нивните успеси во Европа, бенефит во иднина ќе имаат сите домашни екипи.
Доколку „куќата на фудбалот“ остане на својот став, последиците по Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) би можеле да бидат катастрофални. Најавеното повлекување на моќниот спонзор би значело крај на една ера за клубот, но и сериозен удар за конкурентноста на домашното првенство.
„Ваквиот пристап нè принудува да ја разгледаме и можноста за повлекување од клубот, па дури и од фудбалот во Македонија. Доколку ФФМ не ја повлече оваа одлука, ние како спонзор сериозно ќе го преиспитаме нашето понатамошно присуство, бидејќи ваквата одлука ги нарушува правата и политиките на клубот. Очекуваме надлежните органи на ФФМ итно да покажат одговорност и да реагираат во интерес на спортската правда, клубот и иднината на фудбалот воопшто“, се заклучува во реакцијата на Шкендија.
Сега топката е префрлена кај Дисциплинската и Жалбената комисија на ФФМ, кои ќе треба да одлучат дали ќе попуштат под притисокот на тетовци или ќе останат доследни на првично изречената драконска казна.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

