06 јуни 2026
• од Темелко Тошев
Јаневска: Кој ќе препишува на матура губи цела година
Денеска започна полагањето на државната матура за учебната 2025/2026 година, за која се пријавени вкупно 14.587 матуранти. Со овие испити средношколците го заокружуваат своето образование и се стекнуваат со услов за упис на факултет или излегување на пазарот на трудот.
Полагањето се спроведува во матичните училишта каде што се обезбедени сите услови, додека дел од учениците, по барање на училиштата, тестовите ги полагаат во амфитеатрите на најблиските факултети. Утрово, министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска и директорката на Државниот испитен центар, Даниела Михајловска, го посетија Економскиот факултет во Скопје, каде своите испити ги полагаат учениците од СУГС „Васил Антевски – Дрен“.
Министерката Јаневска на сите матуранти им посака успех и истакна дека годинава матурата се реализира според нова Концепција.
„За првпат државната матура се спроведува според новата Концепција која предвидува државна, стручна и уметничка матура. На овој начин учениците ќе бидат тестирани според наставните содржини што реално ги изучувале во текот на средното образование, што претставува значаен исчекор кон поголема правичност и еднакви можности за сите матуранти“, изјави Јаневска.
Матурантите денес го полагаат првиот од двата екстерни испити, избирајќи меѓу странски јазик, математика или историја. Вториот екстерен испит, по мајчин јазик, ќе се реализира на 11 и 12 јуни. Министерката упати и строг апел за регуларност при процесот и предупреди на последиците од евентуалните нерегуларности.
„Очекувам процесот да помине во најдобар ред и во фер атмосфера. Заедно со училиштата, тестаторите и набљудувачите работевме на создавање услови за регуларно спроведување на испитите. Ги повикувам учениците да се потпрат на сопственото знаење, бидејќи секој обид за препишување носи сериозни последици и може да го одложи стекнувањето на дипломата за цела година“, нагласи таа.
Директорката на ДИЦ, Михајловска, информираше дека од пријавените кандидати, 12.184 ученици полагаат државна матура, 2.276 државна стручна матура, а 127 се пријавени за државна уметничка матура. За спроведување на целиот процес се ангажирани околу 2.500 тестатори и 200 набљудувачи. Според неа, иако новата Концепција бара поголем ангажман, сите институции во координација успешно одговараат на предизвикот, ставајќи ги во фокус интересите на учениците.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

