29 мај 2026
• од Темелко Тошев
Во недела е Духовден – Празник во чест на Светиот Дух и душите на починатите
Овој викенд е продолжен за православните верници во земјава – се спојуваат петок, сабота и недела, овозможувајќи им на граѓаните да го одбележат еден од најзначајните христијански празници. За православните верници, денешниот ден (петокот пред Духовден) е прогласен за неработен ден.
Празникот Духовден спаѓа меѓу големите Господови празници и во македонскиот народ е познат под повеќе имиња: Дуовден, Доедни, Свети Дух и Педесетница.
Духовден се празнува точно десет дена по Спасовден (Вознесение Христово), односно педесет дена по Велигден (Воскресение Христово).
Името „Педесетница“ го носи не само поради тоа што се празнува на педесеттиот ден по Велигден, туку и затоа што овој голем настан се случил точно на истоимениот еврејски празник. Евреите ја празнувале Педесетница во спомен на денот кога Господ му ги предал на Мојсие законите на Синајската Гора.
Според светото предание, на тој ден апостолите биле собрани на едно место во Ерусалим. Тие биле точно дванаесет на број, бидејќи испразнетото место на Јуда Искариотски (кој по предавството на Исус се обесил) го пополниле со Матеј. Тој бил избран со ждрепка од останатите Христови ученици за бројот на апостолите повторно да биде комплетен.
Овој свет момент е живописно претставен на иконите во нашите цркви. На нив се насликани сите апостоли заедно со Богородица собрани на едно место, додека над нивните глави се гледаат пламените јазици кои всушност го претставуваат Светиот Дух.
Во народната традиција, овој празник е тесно поврзан со душите на умрените, а обичаите што се изведуваат се темелат токму на тие верувања.
Духовден се празнува три дена, при што првиот ден од празникот секогаш паѓа во недела. Ова е единствениот од дванаесетте големи празници што нема претпразненство. Сепак, тоа се надоместува со фактот што во текот на целиот период – од Велигден па сè до Духовден – се чувствува силно празнично расположение.
На овој празник редовно му претходи Задушница, која се одбележува во саботата пред Духовден. Овој ден, меѓу народот познат и како „Мртва сабота“, е време кога се посетуваат вечните почивалишта, се палат свеќи и се изведуваат бројни обичаи наменети за спомен и покој на душите на починатите предци.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

