29 мај 2026
• од Темелко Тошев
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во своето гостување во емисијата „Клик плус“ на ТВ21, најави дека лично ќе излезе на терен за да разговара со граѓаните во врска со дивиот пешачки премин кај Бит-пазар.
Ѓорѓиевски посочи дека е подготвен да го слушне гласот на народот. Како што истакна, доколку мнозинството од граѓаните кои секојдневно се движат на овој потег проценат дека локацијата има потреба од пешачки премин, Град Скопје ќе овозможи негово регуларно поставување и легализирање.
„Сакам да одам на самото место и лично да дискутирам со граѓаните. Ако мнозинството граѓани сметаат така – и тука не зборувам за поединци кои можеби имаат приватен бизнис, па тоа би влијаело позитивно или негативно врз нивната работа, туку зборувам за обичните граѓани кои секојдневно го користат. Ако тие мислат дека таму треба да има пешачки премин, тогаш јас ќе подготвам сообраќаен проект и ќе овозможам редовен премин за пешаците“, изјави Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека конечната одлука ќе зависи исклучиво од волјата на мнозинството:
„Секогаш излегувам во пресрет, и ако ја погледнете мојата програма, таа секогаш се базира на барањата и реалните потреби на граѓаните, решавајќи проблеми кои траат со децении. Затоа, дури и ако јас сум мислел дека треба да се затвори, доколку мнозинството граѓани мислат поинаку – ќе ги сослушам“, потенцираше градоначалникот.
За да се донесе најдоброто решение, Ѓорѓиевски најави дека во наредните денови ќе ја посети локацијата придружуван од неговиот колега Изет Меџити, со цел заеднички да се запознаат со состојбата на терен и да го слушнат ставот на минувачите.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

