28 мај 2026
• од Темелко Тошев
Професорот Дејан Трајковски преку социјалните мрежи упати остри критики и сериозни предупредувања за квалитетот на високото образование во земјава, со посебен акцент на медицинските кадри. Тој сподели објава која, според него, јасно ја отсликува катастрофалната состојба и проблемот со нестручниот кадар во македонското здравство.
Според информациите што ги сподели Трајковски, доктори кои своите дипломи ги стекнале на Факултетот за медицински науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, масовно се одбиваат и се враќаат од Словенија поради, како што се наведува, „крајна нестручност“.
„Оттаму се обратиле до нашето Министерство за образование за да поведат сметка за неквалитетот што го продуцираат на овој медицински факултет, ама немало никаква реакција“, истакнува професорот.
Она што дополнително ја вознемирува јавноста е судбината на овие кадри откако ќе бидат одбиени во странство. Трајковски предупредува дека истите тие доктори без проблем наоѓаат работно место во домашниот здравствен систем.
„Потоа тие што ќе ни ги вратат ќе се вработат во нашите болници и ќе можат само да демонстрираат ароганција, бидејќи знаење секако немаат. Прв пат виделе жив пациент откако дипломирале и се вработиле!“, револтирано пишува професорот.
Поради ваквата алармантна состојба, тој повикува на итна реакција од надлежните институции и преземање на драстични мерки за спречување на понатамошно уништување на здравствениот систем.
„Тоа ругло од факултет треба итно да се затвори за да не прави повеќе штета. Но, што ќе правиме со оној бофл кадар што досега го произвеле? Кој ќе одговара за оваа образовна и здравствена катастрофа?“, отворено прашува Трајковски.
На крајот од своето обраќање, тој заклучува дека доколку државата има вистинска, а не само декларативна намера да го подигне квалитетот на образованието, овие болни прашања мора веднаш да се отворат и да се лоцира одговорноста за, како што ја нарекува, оваа образовна и здравствена катастрофа.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

