29 мај 2026
• од Темелко Тошев
Во својот најнов јавен осврт, аналитичарот и автор Медаи Шахоли упати серија остри критики до премиерот Христијан Мицкоски и актуелната власт, обвинувајќи ги за свесно блокирање на евроинтеграцискиот пат на земјата и за промена на нејзиниот стратешки и геополитички курс.
Според Шахоли, реториката на премиерот дека Бугарија е единствениот виновник за прекинот на европскиот пат поради негирањето на македонскиот јазик и идентитет е само параван за внатрешните политики. Мицкоски во повеќе наврати нагласи дека пред бугарскиот притисок за уставни измени, земјата попрво би се откажала од европскиот пат со цел да го заштити својот национален идентитет. Иако Шахоли нагласува дека одбраната на сопствениот идентитет е национална должност, тој воедно го обвинува премиерот за длабоко лицемерие и примена на двојни стандарди на внатрешен план.
„Да се жалиш дека Бугарија не го признава твојот национален идентитет, додека го правиш сосема истото со истите негирачки методи кон албанскиот јазик — кој го дефинираш преку срамната бројка од 20% — претставува чист културен геноцид“, дециден е Шахоли. Во својот коментар, тој иронично додава дека доколку се следи оваа логика на негирање, тогаш „Бугарите можеби се во право кога велат дека македонски јазик нема, дека тој е бугарски дијалект и дека македонската нација е само измислица на друже Тито“.
Авторот потенцира дека задржувањето на, како што ја нарекува, „навредливата номенклатура од 20%“ во Уставот не е резултат на моменталните политички пречки за уставни измени како одговор на бугарскиот услов, туку дел од долгорочна „шовинистичка стратегија за негирање и денигрирање на албанскиот јазик од страна на словенско-македонските власти“ на овие простори. Шахоли воедно упатува критики и до сите албански политички субјекти во земјата, обвинувајќи ги дека без исклучок соучествувале во оваа политика уште од Охридскиот рамковен договор, прифаќајќи ја срамната уставна формулација наместо да се изборат за официјална употреба на албанскиот јазик со неговото изворно и гордо име, кое датира уште од античка Илирија.
На крајот, Шахоли директно му се обраќа на премиерот, порачувајќи дека одговорноста за изолацијата на државата е целосно внатрешна:
„Не ни е виновна Бугарија за застојот и блокадата на европскиот пат, друже Мицко. Вината е кај вас — таа е и колективна и индивидуална. Ти и твоите комити го свртевте воланот кон Белград и Москва, избегнувајќи го Брисел и водејќи нè по патот на ѓаволот. Затоа, вината барајте ја во сопствените редови!“
Овој остар коментар на Шахоли доаѓа во време на вжештени политички дебати во земјата околу натамошниот тек на евроинтеграциите, уставните измени и внатрешните меѓуетнички односи.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

