28 мај 2026
• од Темелко Тошев
Изјавите на одбраната дека катастрофалниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“ е само несреќен случај предизвикаа остра реакција кај семејствата на жртвите. Александар Наунов, татко на загинатата Надица, денеска пред судницата во Идризово испрати силна порака, обвинувајќи го системот и институциите за долгогодишно замижување кое доведе до смртта на 63 деца и млади лица.
Реакцијата на Наунов следува откако на минатото рочиште адвокатот Петре Шилегов, бранител на обвинетиот Шофкет Хазари, побара преиспитување и преквалификација на обвинителниот акт, сугерирајќи дека поголемиот дел од обвинетите немаат вина за трагедијата.
„Навистина е неверојатно колку лесно денес некои адвокати бараат трагедијата со 63 мртви деца да се прогласи за ‘несреќа’. Несреќа е кога природата ќе удри без предупредување, но кога со години институции дозволуваат небезбеден објект да работи, тоа не е несреќа, тогаш тоа е системско замижување“, изјави Наунов за медиумите за време на паузата од судското рочиште.
Видно револтиран од ставот на одбраната дека обвинетите не знаат зошто се наоѓаат на обвинителната клупа, Наунов истакна дека нивното присуство во судницата е директна последица на изгубените животи.
„Навистина е цинично денес да слушаме дека луѓето во судницата ‘не знаеле зошто седат таму’. Седат таму затоа што 63 деца и млади лица не седат повеќе никаде. Пожарот можеби го запали искра. Но, системот му ја отвори вратата“, потенцираше таткото на загинатата Надица.
Како одговор на обидите за релативизирање на вината, семејствата на жртвите најавуваат радикализација на нивната борба за правда. Наунов најави дека на следниот меморијален „Марш на ангелите“ јавно ќе биде прочитано обвинението за Шофкет Хазари.
Судскиот процес за пожарот во дискотеката „Пулс“ продолжува, а очите на јавноста остануваат вперени кон институциите од кои се очекува праведна разрешница за една од најголемите трагедии во поновата историја.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

