21 јуни 2026
• од Темелко Тошев
По повод две години од формирањето на Владата предводена од Христијан Мицкоски, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција упати жестоки критики за работата на извршната власт. Според него, државата се наоѓа во длабока економска стагнација, европска изолација и институционален распад, а граѓаните се жртви на лажни предизборни ветувања.
Филипче истакна дека изминатите две години претставуваат изгубено време за државата, обележано со назадување во сите клучни области и драстично влошување на животниот стандард.
„Навршуваат точно две години од формирањето на владата на Христијан Мицкоски и после две години граѓаните не добија ни повисок стандард, ни поквалитетен живот, ниту подобри услови за живот, ниту пак пофункционални институции. Не ги добија ветувањата на Мицкоски и ВМРО пред изборите. Едноставно, граѓаните се излажани“, нагласи Филипче.
Повикувајќи се на анализа на владината „Платформа 1198“, лидерот на СДСМ посочи дека Владата реализирала само околу 10 проценти од дадените ветувања, додека дури 90 отсто останале неисполнети. Економските показатели, според него, се поразителни:
„Денеска, наместо зголемен животен стандард, стандардот е намален во споредба од пред две години. Граѓаните живеат полошо и потешко, паричниците и фрижидерите се попразни“, предупреди тој.
Освен економијата, Филипче ја критикуваше и надворешната и внатрешната политика на Владата. Тој обвини дека државата е целосно отсечена од европските интегративни процеси, додека младите луѓе секојдневно планираат како да се иселат од земјата.
„Европскиот пат е целосно заглавен. Христијан Мицкоски ја води земјата во изолација. Регионот оди напред, а тој излегува и кажува: нема да се помрднеме ни чекор“, потенцираше претседателот на СДСМ. Тој додаде дека изминатиот период донел национални понижувања, како и влошени односи со соседите и меѓуетничките заедници.
Резултатите од двегодишниот мандат на Владата, Филипче ги оцени како „една голема нула“ во однос на реформите, платите, поддршката за младите, земјоделците, лекарите и наставниците.
На крајот од своето обраќање, тој заклучи дека граѓаните веќе јасно ја препознаваат разликата меѓу реториката и реалноста на терен.
„Очигледно е, сѐ повеќе, дека имаме двајца премиери Мицкоски. Едниот лаже, другиот ги правда лагите. Со оваа влада, со овој премиер, единствено каде што државата оди е пропаст“, дециден е лидерот на опозицијата.
Скопје конечно добива три јавни тоалети: Локациите се познати, но не и датумот
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

