19 јуни 2026
• од Темелко Тошев
Државниот архив на Северна Македонија најавува технолошка револуција. Според зборовите на новиот директор Димитар Богески, наесен, со словенечка донација, ќе добиеме „еден од најмодерните софтвери во Европа“. Граѓаните, од удобноста на својот дом, со платежна картичка ќе можат да пребаруваат низ историјата. Звучи одлично, европски и прогресивно.
Но, зад оваа блескава дигитална фасада се крие еден тежок, балкански апсурд: Архивот на Македонија останува единствената институција во регионот која строго забранува истражување на црковно-верските матични книги!
Каков е тој „најмодерен европски систем“ ако во него ги нема токму оние документи кои граѓаните најмногу ги бараат?
Додека македонските истражувачи, генеалози и обични граѓани кои сакаат да го истражат своето семејно стебло наидуваат на спуштена рампа и бирократски ѕид, во соседството сликата е дијаметрално спротивна.
Историскиот архив на Белград и Архивот на Војводина не само што дозволуваат слободен пристап до црковните книги (матични книги на родени, венчани и умрени), туку тие одамна ги имаат целосно дигитализирано. Во Војводина и Белград, овие скапоцени записи кои ја чуваат демографската и социјалната историја на народот се третираат како врвно национално богатство кое мора да биде достапно за јавноста, а не како државна тајна.
Нашите соседи сфатија дека дигитализацијата не значи само префрлање на партиски комитетски извештаи од 20 век на компјутер, туку зачувување и отворање на најстарите записи за обичниот човек. Кај нас, тие книги остануваат заложници на една неразбирлива, анахрона политика на забрана.
Во своето интервју, директорот Богески се жали дека заинтересираноста кај граѓаните за посета на Архивот е „многу слаба“. Тој констатира дека луѓето доаѓаат исклучиво за имотно-правни потреби и судски спорови, додека за научно-истражувачка работа доаѓаат само неколкумина професори и историчари.
Но, дали раководството на Архивот некогаш се запрашало зошто читалните се празни?
Во целиот развиен свет (вклучувајќи ги и Србија, Хрватска, Словенија), архивите се преполни со луѓе кои истражуваат локална историја и генеалогија (потекло на семејствата). За да се прави тоа, основниот „алат“ се токму црковните книги. Кога на еден обичен граѓанин ќе му забраните пристап до информациите за неговите прадедовци, вие директно го бркате од Архивот. Празните читални не се резултат на неписменоста или неинтересирањето на македонскиот народ за својата историја, туку се директна последица на рестриктивните политики на самата институција.
Тврдењето дека „99 отсто од граѓата е достапна за јавноста“ е само статистичка манипулација кога во тој недостапен 1% се наоѓа срцевината на нашата демографска историја. Не можете да тврдите дека сте транспарентна и модерна институција ако го криете највредното.
Изградбата на нова зграда најавена за 2027 година и имплементацијата на скапи софтвери се залудни ако менталитетот на управување со документите остане заглавен во минатиот век. Дигитализацијата има смисла само ако значи демократизација на знаењето.
Ако Државниот архив навистина сака да се споредува со Словенија или со соседите, првиот чекор не е купување сервери, туку симнување на катанецот од црковните книги. Сè дотогаш, македонскиот Архив ќе остане институција која повеќе личи на трезор за криење, отколку на ризница за споделување на историјата.
Скопје конечно добива три јавни тоалети: Локациите се познати, но не и датумот
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

