20 јуни 2026
• од Темелко Тошев
Бугарскиот амбасадор во земјава, Жељазко Радуков, упати сериозни критики кон односот кон бугарските културни и воени споменици во Северна Македонија. Во своето обраќање пред обновениот споменик на генерал-мајор Константин Каварналиев, тој истакна дека не може да се градат вистински добрососедски односи сè додека „омразата е системска, а гестовите на соработка се само епизодни“.
Својот говор амбасадорот го започна со меланхоличен осврт кон смислата на чествувањата и улогата на војската. Според него, иако класичниот одговор за постоењето на вооружените сили е заштита на националниот суверенитет и државноста, вистинската улога на бугарската армија отсекогаш била физичкото опстанување и заштитата на бугарскиот народ.
Како пример за највисока воена жртва, тој го посочи генерал-мајор Каварналиев.
„Именно така ја наоѓа својата смрт генерал-мајор Каварналиев, борејќи се против повеќекратно побројни сили, купувајќи време за да може бугарското население да се повлече на безбедно. Тоа е улогата на бугарскиот војник – да го заштити својот народ. Затоа сме тука, за да им оддадеме признание на овие луѓе и да го зачуваме нивниот пример, кој им е сè попотребен на современите генерации,“ истакна Радуков.
Сепак, во продолжение на говорот, амбасадорот се осврна на историјата на самиот споменик, искористувајќи ја како повод за политичка порака и оценка за актуелните билатерални односи.
Тој потсети дека споменикот на Каварналиев првично бил изграден во 1916 година, но бил срушен во 1966 година.
„Таква е судбината на толку многу бугарски споменици во денешна Северна Македонија – и воени и културни. Неговото обновување траеше речиси триесет години и на крајот беше плод на еден момент на добронамерност и договор меѓу двајца политички лидери,“ нагласи бугарскиот амбасадор.
Во најостриот дел од својата изјава, Радуков директно го лоцираше проблемот во односите меѓу двете држави:
„За мене, тоа е основниот проблем со кој се соочуваме тука. Тоа што омразата и уништувањето се системски, а гестовите на добронамерност и соработка кои ги наоѓаме во Северна Македонија се епизодни. Со таква епизодност нема како да сметаме на вистински добрососедски односи.“
На крајот од своето обраќање, амбасадорот Радуков порача дека овој споменик е свет за Бугарија исто колку и сите останати кои биле уништени, додавајќи дека целта на неговата држава е да ги обнови сите за да им се оддаде почит на сите знајни и незнајни бугарски војници
Скопје конечно добива три јавни тоалети: Локациите се познати, но не и датумот
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

