19 јуни 2026
• од Темелко Тошев
Европскиот парламент во својот најнов извештај за Македонија недвосмислено предупредува на сериозни ризици од странско мешање, кое директно го загрозува европскиот пат на земјата. Од опозициската СДСМ преку соопштение истакнуваат дека навреме предупредувале за овие ризици, кои, според нив, сега стануваат сè поочигледни и поопасни.
Според соопштението од партијата, во извештајот на ЕП посебен фокус е ставен на руските напори за проектирање влијание, кинеското економско и политичко присуство, но и на растечките врски со Србија. Европратениците, како што посочуваат од СДСМ, изразуваат сериозна загриженост поради промоцијата на илибералната агенда во регионот и влијанието на таканаречениот „српски свет“, кој е насочен против европската ориентација на Македонија.
Од партијата нагласуваат дека, иако ова не е првпат Европскиот парламент да укажува на овие опасности, тајмингот на овие предупредувања е исклучително критичен.
„Ова е првпат кога ваквите предупредувања доаѓаат во момент кога Владата на Христијан Мицкоски отворено ја копира политиката на Вучиќ и ‘српскиот свет’ – и во реторика, и во наратив, и во политичкиот модел“, велат од СДСМ.
Опозицијата директно ја обвинува актуелната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ дека наместо да се бори против странските влијанија, активно учествува во нивното ширење.
Според СДСМ, додека владејачкото мнозинство секојдневно турка антиевропски наратив, ги навредува поддржувачите на ЕУ и ја блокира европската иднина на граѓаните, државата ја губи својата отпорност кон надворешни закани.
„Наместо да ја зајакнува отпорноста на државата, Владата ја слабее преку политички прогон, контрола на медиуми и откажување од реформи. Европскиот парламент го кажа она што граѓаните го чувствуваат секој ден – Македонија е изложена на странско влијание, а Владата не само што не го спречува, туку активно придонесува за него“, се додава во партиското соопштение.
На крајот од своето обраќање кон јавноста, од Социјалдемократскиот сојуз порачуваат дека остануваат доследни на заложбите за европски интеграции и владеење на правото.
Тие порачуваат дека цврсто стојат на страната на отпорноста од секое странско мешање, без разлика дали е тоа руско, кинеско или регионално.
„Граѓаните заслужуваат Македонија да биде дел од Европа, а не заложник на туѓи интереси и туѓи наративи“, заклучуваат од опозициската партија.
Скопје конечно добива три јавни тоалети: Локациите се познати, но не и датумот
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

