19 јуни 2026
• од Темелко Тошев
Известувачот за Северна Македонија во Европскиот парламент (ЕП), Томас Вајц, е исклучително пристрастен и подложен на сугестии, изјави бугарскиот европратеник од редовите на ГЕРБ-СДС, Илија Лазаров. Тој ги објасни причините зошто новиот извештај за напредокот на земјава повторно предизвика остри реакции во Софија и нагласи дека теми како „идентитет“ и „јазик“ немаат место во ваков тип на документи.
Во интервју за емисијата „Денет ON AIR“, Лазаров, кој е меѓу најжестоките критичари на известувачот Вајц, изјави дека австрискиот европратеник е под директно влијание на властите во Скопје.
„Докладникот Томас Вајц е исклучително пристрастен и под влијание на сугестиите што му ги прават властите во Скопје, а најмногу премиерот Мицкоски“, рече Лазаров.
Европратеникот појасни дека во нацрт-извештајот се вметнати текстови кои за него се неприфатливи. Како пример ја посочи препораката за време на преговарачкиот процес, во различните етапи, одделните поглавја да не се затвораат со консензус (едногласност од сите земји-членки), туку со двотретинско мнозинство. Според Лазаров, ваквиот предлог е целосно несериозен.
„Друг текст во овој протокол, кој тој се обиде да препорача да биде поништен, се однесуваше на говорот на омраза“, посочи тој за телевизијата Bulgaria ON AIR.
Во однос на македонскиот Устав, Лазаров уште еднаш го повтори тврдиот бугарски став. Тој подвлече дека Бугарите мора да бидат впишани во Уставот на Република Северна Македонија, аргументирајќи дека во него веќе се наведени и други етнички заедници, како што се Египќаните, додека Бугарите изостануваат.
Генералната оценка на Лазаров е дека извештајот е лош бидејќи не го одразува во целост „недостатокот на напредок на РСМ“.
Осврнувајќи се на неодамнешното опожарување на две дипломатски возила пред Бугарската амбасада во Скопје, европратеникот коментираше дека секоја држава-домаќин мора да гарантира безбедност за дипломатските претставништва. Тој го оквалификува инцидентот како грубо прекршување на Виенската конвенција, додавајќи дека тоа е директна последица од говорот на омраза.
На крајот, Лазаров упати и директни критики кон македонскиот премиер: „Мицкоски во своите говори зрачи со презир кон Бугарија. Тоа е недозволиво однесување.“
Османи: Црн ден за Албанците, Тито се врати во Тетово со помош на Билал Касами
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

