07 јули 2026
• од Темелко Тошев
Еколошкото здружение „Здрава котлина“ најавува масовна мобилизација и долгорочен отпор откако Владата распиша концесии за проспекциски геолошки истражувања за рудници на територијата на речиси цела Источна Македонија.
Одлуката, која е објавена во „Службен весник“ на 3 јули, предизвика лавина реакции кај активистите кои со години се борат за заштита на животната средина во овој регион и спречување на отворањето нови рудници.
Според новата владина одлука донесена на 30 јуни 2026 година, а потпишана од заменик-премиерот Љупчо Димовски, во еден единствен простор (означен како „Исток“) се набиваат дури 27 општини. Појасот се протега од Куманово и Кратово, преку Велес, па сè до југоисточниот дел, вклучувајќи ги Валандово, Гевгелија, Босилово, Василево, Струмица и Ново Село.
„Ова е повик за сплотеност, будност и долгорочен отпор против рударските јаничари во владата кои се дрзнаа повторно да ја продадат македонската земја на светските рудари. Додека обичниот народ се бори за пристоен живот и чист воздух, луѓето во фотелјите со еден потпис решаваат да ја претворат нашата татковина во рударско решето“, порачуваат од „Здрава котлина“.
Еколозите сметаат дека ваквата концентрација на концесии на густо населена територија значи „свесно укинување на животниот простор на македонскиот земјоделец“.
Организацијата категорично ги отфрла тврдењата од властите дека станува збор „само за истражување“. Тие предупредуваат дека секој деструктивен рудник започнал со проспекција, која подоцна се користи како алатка за уцена на државата преку меѓународни арбитражи, правдајќи се со веќе вложени средства.
Дополнителен револт предизвикува и поклопувањето на оваа одлука со неодамнешните измени на Членот 55 од Законот за минерални суровини, донесени по скратена постапка во април.
Еколозите ја споредуваат актуелната состојба со 2014 година, кога Владата додели слични концесии во 22 општини. Тие потсетуваат на пропаднатиот проект за рудникот „Казандол“ во Валандово, чиј епилог беше меѓународна тужба против државата од 380 милиони евра откако договорот беше раскинат.
Здружението директно го прозива актуелниот потписник на одлуката, заменик-премиерот Љупчо Димовски, потсетувајќи на неговото минато. Според нив, Димовски, заедно со поранешниот министер за земјоделство Ацо Спасеновски, во минатото биле под тешки кривични истраги за злоупотреби со доделување на државно земјоделско земјиште.
Најавувајќи дека битката ќе биде „маратон на издржливост“, од „Здрава котлина“ ги изнесоа своите следни чекори и барања:
„Научивме многу лекции овие десет години и време е да ги примениме!“, децидни се активистите во својата реакција.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

