07 јули 2026
• од Темелко Тошев
Во Пехчево, подигнувањето на плата, пензија или плаќањето на обични сметки веќе не е рутина која се завршува за неколку минути. Градот остана без ниту една банкарска експозитура, па сега жителите мора да одвојат цел ден и да патуваат 10 километри до соседното Берово или 30 километри до Делчево за да ги завршат своите основни финансиски обврски.
Оваа ситуација е особено тешка за повозрасните граѓани, кои се најбројни во општината. Единствениот банкомат во градот често останува без готовина, па жителите се принудени да зависат од туѓ превоз, кој е редок, што им создава дополнителни трошоци и физички напор.
Жителите се свесни дека градот е под сериозен удар на иселувањето и таканаречената „бела чума“. Тие истакнуваат дека со заминувањето на банките, исчезнува и чувството дека државата нуди еднакви услови за живот за сите граѓани. Дел од нив стравуваат дека набргу може да останат и без Итна медицинска помош.
„Многу е комплицирано за еден возрасен човек, кој се соочува со здравствени проблеми и потешкотии во движењето. Нема возила, нема такси, нема редовни автобуси – тоа е голем проблем. Претежно луѓето од Источна Македонија се селат во странство, но тоа не значи дека ние што останавме тука не треба да ги имаме основните услови за живот, како банка или брза помош,“ изјавува Герасим Станоевски, жител на Пехчево.
Сепак, локалната власт уверува дека се работи на решавање на проблемот. Градоначалникот на Пехчево, Александар Китански, смирува дека проблемот со Итната медицинска помош е надминат и посочува дека интензивно се преговара за враќање на банкарските услуги.
„Стапив во контакт со неколку банки и има позитивно расположение. Во последниот период сме во сериозни преговори со една поголема банка од Македонија за отворање на канцеларија или експозитура во Пехчево. За да функционираш како градче, сепак мора да ги имаш основните услови, а тоа е предуслов младите да се задржат,“ објаснува градоначалникот Китански.
Иако според последниот попис општината брои речиси 4.000 жители, реалната слика на терен покажува дека градот видливо се празни и дека очајно недостасуваат млади луѓе.
Според поранешниот директор на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, несоодветното здравство и образование, како и правната несигурност, се системските фактори поради кои се иселуваат дури и оние кои се финансиски стабилни. Тој предупредува на алармантните демографски проекции за целата држава.
„Некаде до 2070 година, Македонија може да остане со не повеќе од 1,5 милиони жители, а според некои проекции на ОН, до 2050 година може да имаме само милион жители. Ова се страшни податоци кои треба да нè загрижат и час поскоро да се свестиме дека мора да се дејствува. Мерките за стимулирање на наталитетот даваат само краткорочен ефект. Суштината е во менувањето на условите, тоа е она што младите го сакаат и поради кое би останале дома,“ потенцира Симовски.
Последните проценки на Државниот завод за статистика потврдуваат дека земјава и понатаму бележи континуиран негативен природен прираст од неколку илјади луѓе годишно – повеќе луѓе починуваат отколку што се раѓаат. Оваа тенденција, според експертите, дополнително се влошува со заминувањето на младите, кои својот семеен живот и наталитетот го остваруваат надвор од границите на државата.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

