07 јули 2026
• од Темелко Тошев
Судиите-поротници при Основниот кривичен суд Скопје од денеска стапуваат во мирен протест, поради што нема да учествуваат на дел од закажаните судски расправи. Причината за овој чекор е долгогодишниот проблем со висината на дневниот надомест и нерешените барања упатени до Министерството за правда и Судскиот совет.
Во официјалното известување доставено до Кривичниот суд, поротниците посочуваат дека нивниот дневен надоместок, кој изнесува од 570 до 670 денари, со години не е променет. Оваа сума останува иста без оглед на бројот на предметите, сложеноста на постапките и времетраењето на нивниот ангажман.
„Ваквиот надоместок не ја одразува одговорноста и значењето на функцијата што ја извршуваме, ниту пак ги покрива основните трошоци поврзани со физичкото присуство во Судот“, реагираат судиите-поротници.
Тие нагласуваат дека во изминатите две години во повеќе наврати се обраќале до надлежните институции – Министерството за правда и Судскиот совет, барајќи решавање на статусот и финансискиот надомест, но бидејќи до денес не се преземени никакви конкретни мерки, биле принудени да го изразат своето незадоволство преку мирен протест.
Од Основниот кривичен суд Скопје ја известуваат јавноста дека сите расправи кои денеска ќе мора да бидат одложени поради отсуството на поротниците, ќе бидат презакажани за следниот најскор термин. Странките во постапките ќе бидат навремено известени, со цел да не се предизвика непотребно одолговлекување на процесите.
Кривичниот суд изрази целосно разбирање за незадоволството на судиите-поротници и застана во одбрана на нивните барања.
„Ова прашање треба да се реши преку институционален дијалог и взаемно разбирање. Неговото навремено разрешување е во интерес на судиите-поротници, судовите, но пред сè, на граѓаните кои со право очекуваат ефикасно, континуирано и непречено функционирање на правосудниот систем“, се заклучува во соопштението од Кривичниот суд.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

