23 јуни 2026
• од Темелко Тошев
Познатиот публицист Урим Салиу излезе со несекојдневен и провокативен став во кој предлага граѓаните Албанци да започнат директни преговори со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер на државата, Христијан Мицкоски, заобиколувајќи ги албанските политички партии кои, според него, повеќе не се способни да ги заштитат нивните интереси.
Во својата најнова анализа, Салиу отворено ја критикува немоќта на албанскиот политички блок и повикува на директен „граѓански пакт“ со партијата што ја води државата.
„Можеби звучи необично, но отворено велам дека ако еден ден дојдеме до заклучок дека албанските партии повеќе не се способни да обезбедат ниту минимум од нашите права, тогаш зошто да не размислиме за директен граѓански пакт со македонската партија која ја води државата?“, прашува Салиу.
Тој истакнува дека реалноста е оти ниту една албанска партија не е, ниту некогаш ќе биде, помоќна од македонската партија која го има кормилото на Владата.
„Затоа, можеби ќе дојде денот кога отворено треба да му кажеме на Христијан Мицкоски: ние го даваме нашиот глас, вие ги гарантирате нашите права. Наместо тоа да го чекаме од партиите за кои со години гласаме, а тие си поигруваат со нас, да ја пробаме оваа последна варијанта што ни преостанува“, додава Салиу.
Тој е дециден дека ваквиот договор треба да биде транспарентен и ослободен од клиентелизам.
„Само конкретни права, реална еднаквост и почит кон Албанците“, нагласува тој.
Салиу оди дотаму што вели дека доколку некој успее да ги реши проблемите кои албанската политика не може да ги реши со децении, тоа треба да се вреднува без никакви предрасуди.
„Дури, ако еден ден се реализираат основните барања на Албанците, не би имал проблем да поддржам некоја улица или плоштад во Тетово да го носи името на тој што ги остварил“, пишува тој.
Својот став Салиу го изнесува со доза на жалење, потенцирајќи дека не е нормално еден народ да ја изгуби довербата во сопствените претставници.
„Денес гледаме дека многу албански политичари доаѓаат и си одат од власта, додека Албанците продолжуваат да ја напуштаат земјата. Селата и градовите се празнат, младината си заминува, а ние продолжуваме да ги слушаме истите фрази кои се како лебедова песна.“
На крајот од своето излагање, Салиу заклучува: „Можеби проблемот повеќе не е кај другата страна. Можеби треба да прифатиме дека албанската политика е влезена во длабока криза на претставување.“
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

