24 јули 2026
• од Темелко Тошев
Новата унгарска влада, предводена од премиерот Петер Маѓар, започна официјална институционална истрага поврзана со заемот од една милијарда евра кој државната „Ексимбанка“ ѝ го одобри на Северна Македонија за време на претходната влада на Виктор Орбан.
Во фокусот на проверката, како што истакна Маѓар, се условите под кои бил одобрен овој масивен кредит, неговата економска оправданост, но и сомнежите за можна злоупотреба на државни средства.
Унгарското Министерство за економија и енергетика веќе поднело пријави за четири спорни случаи поврзани со работењето на „Ексимбанка“, а еден од нив директно го засега заемот за нашата земја. Според новата влада во Будимпешта, кредитот за Северна Македонија бил одобрен под услови кои биле значително поповолни дури и од оние што важеле за унгарските компании или за задолжувањето на самата унгарска држава.
Познато е дека заемот беше договорен со фиксна каматна стапка од 3,25 отсто, со рок на отплата од 15 години и тригодишен грејс-период, при што ризикот бил целосно покриен со државна гаранција.
Премиерот Маѓар тврди дека токму поради разликата меѓу оваа поволна каматна стапка и реалната цена по која Унгарија се задолжувала на финансиските пазари, товарот врз унгарскиот буџет би можел да надмине 90 милијарди форинти (околу 248 милиони евра). Тој отворено изрази сомнеж дека средствата, кои примарно биле наменети за поддршка на унгарското стопанство, биле искористени исклучиво за зајакнување на странски политички сојузници на претходната власт.
Реакции на домашната политичка сцена
Отворањето на истрагата во Унгарија веднаш предизвика бранувања и во Македонија. Опозициската СДСМ излезе со став дека оваа истрага отвора сериозни сомнежи за начинот на кој бил договорен кредитот зад затворени врати и побара итна и целосна транспарентност за аранжманот.
Од друга страна, македонската Влада претходно во повеќе наврати уверуваше дека заемот претставува исклучително поволен финансиски инструмент. Според нивните најави, парите треба да бидат силна финансиска инјекција за поддршка на локалните самоуправи и домашната економија, потенцирајќи дека вакви услови се невозможни да се добијат преку комерцијалните кредити на меѓународните пазари.
Унгарскиот премиер Петер Маѓар нагласи дека неговиот кабинет нема да носи предвремени заклучоци за евентуална кривична одговорност. Сите материјали се веќе предадени на надлежните истражни органи, кои ќе имаат задача да утврдат дали при одобрувањето на кредитот имало злоупотреба на службената положба, несовесно управување со народни пари или други незаконитости.
Роковите за завршување на оваа постапка засега остануваат непознати.
Уапсена Македонка во Црна Гора: Прегазила куче, па се обидела да ја напушти државата
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

