23 јули 2026
• од Темелко Тошев
Демократската унија за интеграција (ДУИ) преку писмено соопштение реагираше на одлуката на министерот за здравство за формирање на Стручна комисија на Клиниката за хематологија, обвинувајќи дека во неа нема ниту еден лекар Албанец. Од партијата велат дека ова не е изолиран случај, туку продолжение на политиката на актуелната власт.
Според ДУИ, одлуката за формирање на Стручната комисија за разгледување на случаите на пациенти со малигни заболувања јасно ја одразува тенденцијата за исклучување на Албанците, што според нив, веќе станува „стандард на владеење“.
„Во текот на овие две години сведоци сме на систематско отстранување на Албанците од позициите на одлучување, нивно исклучување од управните одбори, комисиите, управните совети и државните институции. Денес, на оваа листа се додава уште една стручна комисија со директна одговорност за третман на пациенти со малигни заболувања, во која не се најде место за ниту еден лекар Албанец“, се вели во соопштението на ДУИ.
Од партијата истакнуваат дека ваквите потези не се случајни, туку се дел од свесна политика. Тие директно ја обвинуваат Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ВЛЕН за градење на „моноетнички институции“. Притоа, ДУИ упати остри критики до ВЛЕН, нагласувајќи дека оваа политичка опција молчи и легитимира дискриминаторски одлуки, наместо да ја штити застапеноста на Албанците.
„Оние кои две години го пропагираа законот за правична и соодветна застапеност како ‘историска победа’, денес не се во состојба да обезбедат ниту минимална застапеност на Албанците во стручните комисии на Министерството за здравство. Ова е најјасен доказ дека нивните ветувања беа обична пропаганда, додека реалноста е систематско исклучување на Албанците од институциите“, додаваат од ДУИ.
На крајот од своето обраќање, Демократската унија за интеграција бара итно преиспитување на оваа одлука и враќање на уставниот принцип на правична и соодветна застапеност.
„Албанците нема да прифатат да бидат третирани како невидливи во институциите што самите ги финансираат и кои треба подеднакво да им служат на сите граѓани“, заклучуваат од партијата.
Каде се вардарците? Скромна посетеност на Арената за 79. роденден на најтрофејниот!
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

