08 јули 2026
• од Темелко Тошев
Синдикатот на вработените во Управата за јавни приходи (УЈП) денеска треба да го комплетира анексот на Колективниот договор со кој бараат итно зголемување на платите. Синдикалците тврдат дека со ова ќе се исправи голема неправда и вработените конечно ќе ги добијат средствата што законски им следуваат.
Според најавите, барањата опфаќаат околу 1.000 вработени во оваа клучна државна институција, кои очекуваат позитивните промени да се одразат уште на јулската плата.
Во изјава за Телевизија 24, синдикалниот лидер Васе Неданоски истакна дека е оптимист и очекува вработените да добијат зголемување на платата од 7 отсто, плус дополнителни 1.600 денари по основ на усогласување со растот на минималната плата.
„Со анексот се бара создавање на можности вработените во УЈП да го искористат покачувањето на платите како и сите други вработени административни службеници во државата. Станува збор за седумте отсто покачување и усогласувањето со минималната плата, односно сите покачувања на платите согласно произнесеното од Владата за 2026/27 и усогласување за 2028 година“, појаснува Неданоски.
И покрај оптимизмот за договор со раководството, ситуацијата во УЈП е тензична. Вчерашниот ден бил одбележан со обид за протест на вработените, кој според синдикалците бил спречен од страна на менаџментот.
Според информациите, вработените добиле електронска порака во која биле предупредени дека оние кои ќе излезат на протест ќе заработат дисциплинска постапка. Синдикалците тврдат дека на овој мејл лично била потпишана директорката на УЈП, Елена Петрова.
Од Синдикатот посочуваат дека се надеваат на заедничко решение, но предупредуваат дека доколку нивните барања бидат игнорирани, подготвени се да ги искористат сите расположливи демократски механизми.
„Доколку нема слух, има демократски средства, секако дека ќе се спроведат активности. Не се исклучени сите можности, секако и штрајк, меѓутоа оптимисти сме дека ќе се најде заедничко решение“, додаваат од Синдикатот.
За потсетување, битката за повисоки примања во УЈП не е нова. Во текот на 2023 година, вработените излегоа на протести со првично барање за раст на платите од 30 отсто. По серија протести и штрајкови, тие дури една година подоцна добија зголемување од само 10 проценти. Дали овој пат преговорите ќе поминат помирно, останува да се види по денешното комплетирање на Колективниот договор.
Невообичаен инцидент во Штип: Багер урна дел од куќа додека семејството спиело
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

