10 јуни 2026
• од Темелко Тошев
По донесувањето на ослободителната пресуда за Зоран Јованов, таткото на Васил Јованов кој смртно ја прегази младата Фросина на булеварот „Партизански одреди“, со остра и емотивна реакција во јавноста се огласи нејзината сестра, Росица Кулакова.
Таа преку јавна објава отвори низа суштински прашања за одговорноста на родителите, неказнивоста и пораките кои правосудниот систем ги испраќа до општеството.
Во своето обраќање, Кулакова посочува на сериозни дупки и нелогичности во тврдењата на таткото дека не знаел оти неговиот син го управува возилото. Таа се повикува на доказите од камерите обезбедени од Обвинителството:
„Ако таткото не знаел дека Васо ја вози колата, како е можно камерите собрани од Обвинителството да покажуваат дека истото возило Васо го управувал речиси секојдневно со месеци пред да ја убие Фросина, притоа константно возејќи со брзина поголема од пропишаната? Ако не знаел, тогаш како не забележал дека колата секојдневно исчезнува и се враќа? Ако знаел, тогаш зошто не го пријавил? Зошто не презел ништо за да го спречи?“
Дополнително, сестрата на Фросина потсетува на претходна сообраќајна несреќа во Радовиш предизвикана од истиот возач со истото возило, каде што сведочењето на таткото било сосема поинакво.
„И сега, која е вистината? Не може истовремено и двете. Вистината е една“, децидна е Кулакова, додавајќи дека Судот одбрал да поверува на „убедливо кажаната лага, наместо на тешката вистина“.
Според Кулакова, она што најмногу загрижува по оваа судска одлука не е само самата пресуда, туку преседанот и пораката што се врежува во општеството – дека замижувањето пред очигледен ризик поминува неказнето.
„Дека родителот нема никаква одговорност ако со години гледа опасно однесување и не реагира? Дека е доволно да кажеш ‘не знаев’ и покрај сите околности што укажуваат на спротивното? Дека никој не треба да одговара за премолчувањето, игнорирањето и дозволувањето ризикот да расте сѐ додека некој не биде убиен?“ – прашува таа.
На крајот од својата објава, Кулакова заклучува дека загубата на Фросина не е резултат на изолиран инцидент, туку плод на системски пропусти:
„Фросина не загина поради една секунда невнимание. Нејзината смрт е резултат на еден долг синџир на неодговорност, толеранција и неказнивост што очигледно продолжува.“
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

