10 јуни 2026
• од Темелко Тошев
Потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, излезе со тврдење дека лично имала увид во документите на актуелната македонска министерка за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во кои таа декларирала бугарска самосвест и потекло, пренесува БТА.
Оваа изјава доаѓа во екот на јавните дебати околу државјанствата на членовите на новиот владин кабинет во Македонија.
Коментирајќи ги случувањата, Јотова се осврна на примерот со македонската министерка, посочувајќи дека станува збор за исмевање со добиеното државјанство од страна на висок владин функционер.
„Јас лично ги видов нејзините документи и декларација, лично потпишана од неа, во која таа наведува дека има бугарско самосвест и потекло“, истакна Јотова.
Случајот со државјанството на министерката Божиновска предизвика значително внимание во домашната јавност. Како што претходно објави „360 степени“, Божиновска првично негирала дека поседува бугарско државјанство. Подоцна, во изјава за телевизија Канал 5, таа сепак призна дека имала бугарски пасош, додавајќи дека постапката за отпуст од државјанството е веќе финализирана.
Сепак, во новинарските прилози беше посочено дека Божиновска не одговорила прецизно на клучното прашање – дали веќе добила официјално решение за отпуст од бугарското државјанство. Без овој документ, правно гледано, таа и понатаму се води како државјанка на Република Бугарија.
Во своето гостување во поткастот „Бизнис муабети“ на порталот „Фактор“, министерката својот потег го оправда со економски мотиви, споредувајќи се со многу други македонски граѓани:
„Во еден период од животот, како и многу Македонци, од економски причини сум имала бугарски пасош и мислам дека сум една од ретките која се откажала, сум го вратила државјанството и немам повеќе валидна патна исправа, ни лична карта. И никој не се занимава зошто имам чешки пасош“, изјави Божиновска.
Останува да се види дали директните тврдења на бугарската потпретседателка ќе предизвикаат дополнителни реакции или деманти од кабинетот на министерката Божиновска.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

