09 јуни 2026
• од Темелко Тошев
Бугарија планира да ги олесни условите за добивање државјанство, пренесува бугарскиот портал Lupa.bg, кој најавува редици пред бугарската амбасада во Скопје.
Бугарија ќе ги олесни условите за добивање бугарско државјанство во Северна Македонија, објави бугарскиот портал Lupa.bg, повикувајќи се на свои извори од тамошното Министерство за надворешни работи. Според нивните информации, законот нема да претрпи измени, но ќе се овозможи полесна процедура за лицата што имаат „бугарска самосвест“ да се стекнат со пасош од оваа земја членка на ЕУ.
Во текстот се изнесува контроверзното тврдење дека во Северна Македонија живеат „најмалку 900.000 Бугари“, од кои порталот очекува дури 400.000 да добијат бугарски пасоши.
„Желбата е огромна бидејќи ќе имаат поголема сигурност и перспектива за развој. Сами ќе ги плаќаат трошоците, а Бугарија нема да им дава економска помош. Со тоа ќе се демантираат шпекулациите дека владата на Румен Радев ги купува сонародниците од Северна Македонија“, пишува порталот.
Остра реторика кон македонските власти
Медиумот тврди дека одлуката на актуелната бугарска власт доаѓа поради наводен „континуиран притисок врз Бугарите во РСМ“. Во текстот се критикува и македонската влада, при што се наведува дека „очигледно е оти тие нема да бидат внесени во Уставот на РСМ“ и се обвинува премиерот Христијан Мицкоски дека „не сака да ја води земјата кон евроинтеграции“, што според нив дополнително ги става во ризик тамошните Бугари.
Случајот со Ива Михаилова посочен како „репресија“
Како најнов пример за наводна репресија, Lupa.bg го посочува случајот со 23-годишната Ива Михаилова, која беше тешко повредена во сообраќајна несреќа кај Кочани. Бугарскиот медиум тврди дека македонските власти не ѝ дозволуваат на младата девојка да замине на лекување во Бугарија.
„Младата жена е со делумна парализа по инцидентот и по препорака на лекарите треба да се подложи на интервенција кај нас или во Турција. Ива не е обвинета за несреќата, но и покрај тоа властите веќе 9 месеци ја држат затворена во Кочани и чека дозвола да се врати дома. Таа 15 години живее во Бугарија и има двојно државјанство. Тоа најверојатно е причината зошто насилно е задржана во РСМ“, тврди бугарскиот портал во својата објава.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

