07 август 2026
• од Стефан Николов
Опозициската СДСМ денеска упати остри критики до Владата и надлежните институции поради алармантната состојба со квалитетот на водата за пиење низ државата, посочувајќи дека граѓаните веќе не се сигурни дали водата од чешма е безбедна за употреба. Според нив, над 50 населени места во моментов се соочуваат со загадена вода.
Од партијата особено ја потенцираат кризата во Гостивар, каде, како што велат, „цел град бил отруен“, а дури 4.000 граѓани биле принудени да побараат медицинска помош. Тие ги обвинуваат премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Сашо Клековски за задоцнета реакција, потсетувајќи дека и самиот министер признал дека „црвените светла се запалиле доцна“.
„Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски се занимаваше со хиперхлорирање, испуштање вода од цевките и анализи на вода. Ја прогласија водата за техничка и дека може да се користи, а никогаш не објавија анализа, резултат за водата, ниту пак посочија кој потпишал и одобрил такво нешто. Од друга страна, Стојанче Ангелов јавно потврди дека во водата има опасна бактерија“, стои во соопштението на СДСМ.
Тие прашуваат што треба да прави народот до 20 август, за кога е најавено објавувањето на официјалните резултати од анализите на водата. Дополнително, од СДСМ обвинуваат дека во меѓувреме, Владата склучила договор од околу 100.000 евра за набавка на вода без тендерска постапка.
Партијата ја оценува моменталната состојба како „тотален распад на институциите и колапс на здравството“ и бара одговори од Јавното обвинителство.
„Прашањето е зошто Обвинителството молчи? Зошто досега никој од власта не одговара за Гостивар? Не може цела држава да се труе, а никој да не биде одговорен. Не може илјадници граѓани да бараат лекарска помош, институциите да признаваат дека задоцниле, а функционерите да продолжат како ништо да не се случило“, нагласуваат од партијата, порачувајќи дека кога се во прашање животот и здравјето на граѓаните, мора да има одговорност.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

