08 август 2026
• од Темелко Тошев
Поранешниот премиер Љубчо Георгиевски сподели интересни и досега нечуени детали од своето детство, откривајќи како низ годините се менувал неговиот личен став кон соседна Бугарија. Во искрена исповед, тој признава дека во раните фази од животот чувствувал силен анимозитет кон источниот сосед, став кој подоцна почнал да се менува благодарение на летувањата на бугарското крајбрежје.
Георгиевски се навраќа на времето кога како дете одбивал каков било контакт со бугарски производи, вклучувајќи ги храната и музиката, иако, како што вели, неговите родители никогаш не го учеле на омраза.
„Во раните фази, кога памтам дека јас ја мразев Бугарија, тоа е многу интересен момент. Ни татко ми, ни мајка ми не ме учеа да ја мразам Бугарија, ама јас го памтам времето... Не сакав да јадам бугарски кашкавал“, раскажува поранешниот премиер.
Тој додава дека неговиот татко, кој бил љубител на забавна поп-рок музика, понекогаш скришно носел бугарски плочи дома. Георгиевски вели дека одбивал дури и да седи во истата просторија додека свирела таа музика.
„Не сакав да седам во собата и тој знам дека ме убедуваше со зборовите: ‘Сине, еве Бугарите се луѓе како нас’,“ се присетува тој.
Анализирајќи ги сопствените чувства од минатото, Георгиевски прави паралела со денешната перцепција во македонското општество. Смета дека потребата на неговиот татко да му објаснува дека и Бугарите се обични луѓе, зборува многу за силата на тогашната, но и на сегашната пропаганда.
„И сега кога анализирам зошто имал потреба да ми објаснува дека Бугарите се исто така луѓе како нас... Јас мислам дека и ден-денеска во Македонија едно 25 проценти од Македонците мислат дека Бугарите не се баш како другите луѓе на планетата, ние дотаму сме задоени во таа пропаганда“, дециден е тој.
Сепак, неговиот тврд став почнал да омекнува со текот на годините, пред сè поради туристичките посети и летувањата кај источниот сосед. Забавата и угостителството одиграле клучна улога во рушењето на неговите лични предрасуди кон самата држава.
„Нормално, со тек на годините, по тие одмори на Црното море, кај што имаше прекрасни ресторани, прекрасни дискотеки и прекрасни места за забава, таа слика за Бугарија почна да ми се менува. Ама од аспект на држава, а не од некој национален аспект“, заклучува поранешниот премиер во своето излагање.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

