08 август 2026
• од Темелко Тошев
Познатиот српски новинар и режисер Борис Малагурски предизвика внимание со својот најнов коментар во врска со македонско-бугарскиот спор, давајќи своја, контроверзна перспектива за потеклото на македонската нација. Во своето обраќање, тој истакна дека македонскиот идентитет не е создаден против Бугарите, туку претставува „комунистички проект за поткопување на српскиот идентитет“.
Коментирајќи ги апсурдните барања на официјална Софија – која тврди дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот, а нацијата е измислица на Коминтерната и проект на Белград по Втората светска војна – Малагурски со доза на иронија им порача на источните соседи дека ги „погрешиле сметките“.
„Не, драги Бугари, не сте разбрале. Македонската нација е проект на комунистите за поткопување на српскиот идентитет. Аман, сега ни го присвојуваат и нашето присвојување на народот!“, изјави Малагурски.
Оваа изјава, иако кажана во препознатливиот саркастичен тон на авторот, ја отсликува долгата историја на негирање на македонската посебност од страна на соседните центри. Малагурски всушност се потсмева со фактот дека и српскиот и бугарскиот национализам имаат речиси идентични теории на заговор за тоа против кого е „создадена“ Македонија, натпреварувајќи се кој има поголемо право да го негира македонскиот народ.
Понатаму во своето излагање, српскиот новинар се осврнува на реалната политичка моќ на Балканот денес. Тој констатира дека историјата ја пишуваат оние кои имаат влијание, посочувајќи зошто бугарскиот наратив сега е погласен во меѓународните кругови.
„Што велат историските книги? Тие очигледно можат да се менуваат во зависност од тоа кој има поголемо влијание. А бидејќи Софија може да го блокира Скопје на патот кон Европската Унија, таа има посериозен уценувачки капитал од Белград“, заклучува тој.
Неговите коментари уште еднаш јасно отсликуваат како македонското прашање се користи за политичко поткусурување на Балканот. Изјавата на Малагурски ја оголува суровата реалност: историјата во овој регион често се крои не врз основа на научни факти, туку врз основа на моменталната дипломатска моќ и уцените кон државите кои се наоѓаат во понеповолна позиција.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

