05 мај 2026
• од Тодор Вангелов
Скопје – Опозициската партија СДСМ денеска преку прес-конференција упати сериозни обвинувања кон Министерството за правда, прашувајќи дали институциите намерно го одложуваат процесот за екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски.
На прес-конференцијата, генералниот секретар на партијата, Александар Саша Димитријевиќ, истакна дека јавноста има право на јасен и конкретен одговор: дали документите за екстрадиција се испратени или не.
„Министерството за правда вчера соопшти дека постапката се води институционално и без политички влијанија. Но, клучното прашање останува неодговорено – дали документите се испратени?“, изјави Димитријевиќ.
Според него, наместо директен одговор, институциите користат „бирократски фрази“, наведувајќи дека документацијата сè уште се комплетира. СДСМ реагира дека е недозволиво ваквиот процес да трае повеќе од еден месец.
„Еден месец не можат да ја комплетираат документацијата? Дали се неспособни или не сакаат?“, праша тој.
Димитријевиќ направи споредба со Полска, која, како што наведе, реагирала експресно во сличен случај, веднаш по изјавите на Петер Маѓар, кој посочил дека Унгарија нема да биде засолниште за криминалци и експлицитно го спомнал Груевски.
„Додека Полска реагираше веднаш, кај нас гледаме еден месец тишина. Владата на Христијан Мицкоски не презема ништо“, обвини генералниот секретар на СДСМ.
Од партијата тврдат дека актуелната власт свесно го штити Груевски, наместо да постапува согласно законите и процедурите за негова екстрадиција.
„Наместо институционална постапка, гледаме институционална заштита на криминалецот Груевски“, рече Димитријевиќ.
СДСМ побара итен и транспарентен одговор од Министерството за правда за тоа зошто документите се задржани и кога ќе бидат испратени, нагласувајќи дека граѓаните заслужуваат отчетност и владеење на правото.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

