04 мај 2026
• од Гоце Кически
Бујар Османи ја започна дводневната посета на Брисел со интервју за радиото „Jehona e Shqipës“, медиум кој оваа година одбележува 40 години од основањето. Османи истакна дека ова радио, создадено од албанската дијаспора, со децении има важна улога во зачувувањето и пренесувањето на албанскиот јазик кај новите генерации.
Во интервјуто, како што објави Османи на социјалните мрежи, било разговарано за актуелните политички предизвици во Северна Македонија, политичкиот застој, како и за, според него, обидите за поништување на Охридскиот мировен договор. Тој оцени дека договорот претставува темелна основа за стабилноста, соживотот и меѓуетничката кохезија во државата.
Во рамки на посетата, Османи одржа средби и со претставници на европските институции. Тој се сретна со Емануеле Жиофре, директор за Европа во Европската служба за надворешно дејствување, како и со Валентина Суперти, директорка за Западен Балкан во Генералниот директорат за проширување и соседство на Европската комисија.
На средбите, според неговите објави, главен фокус бил ставен на политичките случувања во Северна Македонија и европската перспектива на земјата. Османи изразил сериозна загриженост за можноста од уривање на Охридскиот договор, нагласувајќи дека тој е клучен столб на меѓуетничкиот и државниот соживот.
Тој истовремено ја потенцирал потребата од надминување на блокадата во процесот на европска интеграција и враќање на довербата во европската перспектива на земјата.
„Патот кон Европската Унија не смее да остане заложник на политичките застои. Тој бара одговорност, јасни одлуки и силно партнерство со европските институции“, порача Османи.
Во Европскиот парламент, Османи се сретна и со европратеникот Лукас Мандл, член на Комитетот за надворешни работи. На средбата, како што наведе, било разговарано за сериозните предизвици со кои се соочува концептот на мултиетничка и европска Северна Македонија.
Османи нагласил дека заштитата на овој принцип бара организиран пристап и поширока координација, како предуслов за политичка стабилност и продолжување на европскиот пат на земјата.
Во Брисел, Османи оствари средба и со бугарскиот европратеник Илхан Ќучук, поранешен известувач за Северна Македонија во Европскиот парламент. На средбата се разговарало за процесот на европска интеграција и потребата од враќање на изгубениот моментум во изминатите месеци.
Според Османи, биле разгледани актуелните пречки и конкретните чекори што треба да се преземат за земјата да продолжи напред.
„Интеграцијата не чека. Таа бара храбри одлуки дома и континуиран ангажман од европските партнери“, порача Османи по средбата со Ќучук.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

