04 мај 2026
• од Никола Трајковски
Илијана Јотова учествува на Осмиот самит на Европската политичка заедница, каде што лидерите дискутираат за безбедноста, стабилноста и поврзаноста во Европа
Бугарија инсистира на забрзување на изградбата на Коридорот 8, кој треба да ги поврзе Бугарија, Северна Македонија и Албанија, односно Црното со Јадранското Море. Ова го изјави бугарската потпретседателка Илијана Јотова за време на Осмиот самит на Европската политичка заедница во Ереван.
На форумот учествуваат близу 50 државни и владини лидери, кои разговараат за прашања поврзани со безбедноста, стабилноста, енергетската независност и регионалната соработка во Европа.
Јотова нагласи дека транспортната и енергетската поврзаност не се само економски приоритет, туку и прашање од стратешко и безбедносно значење за целиот континент.
„Инсистираме на забрзување на изградбата на Коридорот 8, кој ќе ги поврзе Бугарија, Северна Македонија и Албанија – практично Јадранското со Црното Море. Тоа е важен проект не само од економска гледна точка, туку и од аспект на безбедноста, не само за регионот, туку и за цела Европа“, посочи Јотова.
Според неа, ваквите инфраструктурни проекти се од особено значење за интеграцијата на земјите од Западен Балкан, бидејќи ќе придонесат за подобра билатерална поврзаност, но и за развој на транспортните артерии низ Европа. Таа го истакна и значењето на Трансевропската транспортна мрежа, која предвидува изградба и модернизација на инфраструктура за различни видови транспорт на континентот.
Во своето обраќање Јотова се осврна и на Вертикалниот гасен коридор, оценувајќи дека проектот има клучно геополитичко и економско значење за регионот.
„Вертикалниот гасен коридор има стратешко значење за енергетската безбедност на Европа“, изјави таа, додавајќи дека во услови на конфликти и поделби, ваквата инфраструктура претставува фактор на стабилност.
Во дискусијата за улогата на Вертикалниот гасен коридор учествуваа и претставници на Грција, Молдавија, Украина, Србија и Романија. Јотова нагласи дека Бугарија веќе се позиционира како важен регионален енергетски центар благодарение на развиената гасопреносна инфраструктура.
Таа посочи дека Бугарија обезбедува клучни енергетски текови по оската север–југ, пристап до терминали за течен природен гас во Грција, како и врски со Романија и Србија. Според Јотова, „Булгартрансгаз“ е меѓу главните иницијатори на проектот и првиот оператор што започнал инвестиции за негов развој.
Бугарија, како што беше истакнато, веќе работи на проширување на капацитетот на интерконекторите, вклучително и на зголемување на тековите од Грција кон Бугарија и Романија, како и на модернизација на клучни точки во гасната мрежа, меѓу кои и онаа кај Стара Загора.
„Вертикалниот гасен коридор не е само систем од гасоводи, туку симбол на нашата заедничка посветеност на енергетската независност и безбедност“, нагласи Јотова.
Таа додаде дека глобалните конфликти ја покажале потребата Европа да ја зајакне својата енергетска независност и да ги диверзифицира изворите на енергија. Во тој контекст, Јотова ја истакна улогата на гасниот интерконектор меѓу Грција и Бугарија, како и значењето на проширувањето на капацитетите за складирање гас по кризата од 2022 година.
Бугарската потпретседателка се осврна и на проектите за обновлива енергија, особено долж брегот на Црното Море, како и на соларните системи. Таа истакна дека Бугарија е меѓу најдоследните поддржувачи на чистата и безбедна нуклеарна енергија.
Во делот на регионалната поврзаност, Јотова го спомена и Транскаспискиот транспортен коридор, кој треба да придонесе за подобра врска меѓу Европа и Азија. Таа повторно ја нагласи потребата од изградба на уште еден мост на Дунав и завршување на транспортната врска меѓу Силистра и К’л’раш.
Јотова истакна дека Бугарија ја засилила улогата на своите пристаништа на Црното Море, оценувајќи дека тие проекти се важни не само за економијата, туку и за безбедноста на европскиот континент.
Во своето обраќање таа се осврна и на развојот на индустриски зони околу големите градови, како дел од напорите за привлекување инвестиции и зајакнување на регионалните синџири на снабдување. Јотова ги истакна и бугарските позиции во новите технологии, кибербезбедноста и вештачката интелигенција, наведувајќи дека Бугарија е една од шесте земји избрани од Европската комисија за изградба на гигафабрика за вештачка интелигенција.
На крајот, таа го потенцираше значењето на Повеќегодишната финансиска рамка на Европската Унија и зачувувањето на кохезионата политика.
„Од исклучително значење за економските проекти, регионалната поврзаност и развојот е да се зачува кохезионата политика, а Бугарија цврсто ќе инсистира на тоа“, порача Илијана Јотова.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

