20 мај 2026
• од Темелко Тошев
Познатиот писател и публицист Ким Мехмети предизвика низа реакции во јавноста со својот најнов став споделен на социјалните мрежи, во кој отворено ги повикува Албанците во Македонија да престанат да го учат и зборуваат македонскиот јазик. Како што пренесува информативната агенција на албански јазик „Илирија-ИНА“, оваа реакција на Мехмети доаѓа како одговор на, според него, „институционалното отфрлање на албанскиот јазик од страна на македонската јавност“.
Под насловот „Да не го учиме и да не го зборуваме македонскиот јазик!?“, агенцијата во целост го пренесува неговиот став, каде тој предлага радикален реципроцитет во јазичната пракса меѓу двете најголеми етнички заедници во земјава.
Мехмети во својата објава јавно прашува дали постои „практичен“ начин за изедначување на двата јазика, предлагајќи Албанците да го преземат истиот модел на однесување како и нивните сограѓани Македонци.
„Дали постои многу ‘практичен’ начин да се изедначи албанскиот јазик со македонскиот јазик: да се однесуваме исто како и нашите македонски сограѓани, кои не го учат и не го зборуваат албанскиот јазик? Да одиме дури и уште еден чекор понатаму: да имаме наши институции, каде што тие ќе доаѓаат со преведувачи на нивниот јазик, додека ние ќе им доаѓаме со преведувачи на нашиот јазик“, пишува Мехмети.
Публицистот смета дека ваквиот тврд став е единствениот начин на кој одредени политички и општествени кругови во земјава би ја сфатиле реалноста. Тој упатува остри критики кон оние кои, според него, не сакаат мултиетничка и мултилатерална држава.
„Можеби само овој ‘јазик’ ќе го разберат оние кои го сакаат само мртвиот Албанец и кои не ја сакаат Македонија која би зборувала и на албански! И можеби само на овој начин македонските противалбански кругови ќе разберат дека нашата добрина да им ги признаеме сите нивни етнички и јазични карактеристики не е слабост, ниту наша покорност пред македонската сила“, додава тој.
Покрај критиките кон македонската јавност и политичари, Мехмети не ги поштеди ниту албанските претставници во актуелната извршна власт. Тој ја обвинува коалицијата „Вреди“ (VLEN) за сервилност и за водење на, како што ја нарекува, деградантна политика.
Овие ставови на Мехмети доаѓаат во период на зголемени политички дебати и тензии поврзани со балансерот, Законот за употреба на јазиците и меѓуетничките односи во земјава, и со сигурност ќе предизвикаат дополнителни поларизирани коментари во политичкиот етер.
Новите блокови на АЕЦ „Козлодуј“ ќе донесат 55 милијарди евра за бугарската економија
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

