09 јули 2026
• од Темелко Тошев
За време на билатералната средба во рамките на самитот на НАТО во Анкара, американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски одржаа важни разговори фокусирани на војната во Украина, одбраната и идните безбедносни гаранции.
Во еден од поопуштените моменти од средбата, кога претседателот Трамп го праша Зеленски дали би патувал во Москва на преговори, украинскиот лидер возврати со шега, истакнувајќи ја сегашната безбедносна ситуација:
„Точно сега таму е опасно. Има премногу украински дронови таму“, изјави Зеленски, со што алудираше на актуелните напади со беспилотни летала на руска територија.
Претходно, Зеленски во неколку наврати има изјавено дека е подготвен за средба со Владимир Путин, но на која било друга локација, освен во Москва.
Еден од клучните заклучоци од средбата е најавата на Трамп за значајна технолошка помош за Украина. Претседателот на САД истакна дека Вашингтон ќе ѝ даде лиценца на Украина за производство на ракети за системите за противвоздушна одбрана „Патриот“.
„Ќе им дадеме право да произведуваат „Патриот“. Ќе им покажеме како да го направат тоа“, порача Трамп. Иако производителот на овие системи сè уште не е официјално информиран за оваа намера, Трамп изрази уверување дека работите ќе се уредат.
Зеленски ја поздрави оваа иницијатива, нагласувајќи дека зајакнувањето на противвоздушната одбрана е врвен приоритет за неговата земја.
Трамп ја истакна ефикасноста на украинската технологија за дронови, опишувајќи ја како „неверојатна“ и „евтина“. Тој најави потенцијална зделка во која САД би купувале дронови од Украина, додавајќи: „Вие сте многу талентиран народ“.
Во контекст на завршувањето на конфликтот, Трамп изрази верување дека на хоризонтот се оцртува договор. Тој не ја исклучи можноста САД да обезбедат пакет на безбедносни гаранции за Украина, кој доколку е потребно, би можел да вклучува и чекори за обезбедување на затворање на украинскиот воздушен простор.
Осврнувајќи се на дипломатските напори, Трамп забележа дека и тој и Зеленски се „луѓе со тешки карактери“, но го пофали украинскиот претседател за неговата ефикасност и посветеност во напорите за стопирање на војната.
На маргините на средбата, американскиот претседател упати и остро предупредување до Иран, најавувајќи нови удари по ирански цели како одговор на претходните инциденти, при што потенцираше дека Вашингтон веќе има уништено дел од нивните поморски капацитети.
За самитот на НАТО во Анкара, Трамп имаше само пофални зборови, опишувајќи го како „страхотен“ и истакнувајќи дека владеела „многу љубов во салата“ меѓу лидерите.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

