09 јули 2026
• од Темелко Тошев
Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска продолжи судскиот процес против 13 полициски службеници обвинети за тешки дела против општата сигурност поврзани со пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ од 16 март 2025 година. Емоциите во судницата кулминираа по емитувањето на снимките од почетокот на пожарот и сведочењата на преживеаните.
Судскиот процес, кој ја бранува јавноста, денеска понуди вознемирувачки кадри од внатрешноста на објектот, каде во моментот на избувнување на огнената стихија настапуваше групата „ДНК“. Снимките ги отсликаа хаосот и паниката што настанале во критичните моменти, но уште потешки беа зборовите на оштетените и сведоците кои ја посочија полицијата како пасивен набљудувач на трагедијата.
Александар Наунов, татко на една од 63-те жртви, упати остри обвинувања кон обвинетите полицајци, доведувајќи ја во прашање нивната примарна задача таа ноќ.
„Едно прашање не можеме да го премолчиме. Велите дека сте имале задача да барате дрога. Ако е така, како не го пронајдовте она што, според многу жители, го знае цело Кочани? Влегувате во дискотеката, а не реагирате на пиротехниката“, рече Наунов, потенцирајќи ги сомнителните телефонски комуникации на службените лица со сопственикот на објектот.
Тој директно праша дали службената положба била злоупотребена за лични привилегии наместо за безбедноста на граѓаните. „За нашите 63 деца, секое непостапување имаше цена. Таа цена беше нивниот живот“, додаде тој, нагласувајќи дека семејствата будно ќе ги следат фактите што се изведуваат пред судот.
Во судницата сведочеше и Теодор Стаменков, кој во времето на несреќата бил малолетник. Тој откри дека наредбата за напуштање на објектот стигнала од келнерот, а не од надлежните, поради најавена полициска контрола. Според неговото сведочење, полицијата на излезот се грижела само за запишување на „неидентификуваните“ лица, наместо да помогне во евакуацијата.
„На вратата стоеше униформирано полициско лице, кое нѐ запре, излеговме надвор и нѐ запиша... кога избил пожарот, никој од службениците не ни помогна да го извлечеме заглавениот брат на мојот другар“, изјави Стаменков, кој во судницата го идентификуваше полицаецот што ја вршел таа евиденција.
Студентката Сара Стојановска, која преживеала стампедо по повикот на музичарите објектот да се напушти, раскажа за крајната нехуманост на службените лица. Таа опиша како паднала по скалите, при што врз неа се натрупале луѓе, а кога побарала помош, полицаецот кој стоел во близина едноставно се повлекол.
„Побарав помош, а тој ми одговори: ‘Како да ти помогнам, што да направам?’ и се тргна настрана“, сведочеше Стојановска.
Судењето продолжува со изведување на нови докази, додека јавноста останува во очекување на одговори за тоа како системот потфрли во заштитата на младите животи во „Пулс“.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

