02 август 2026
• од Стефан Николов
Унгарија се соочува со сериозен ризик од енергетска криза, откако рекордната суша во Централна Европа доведе до целосно запирање на нуклеарната централа „Пакс“, која обезбедува околу 40 проценти од електричната енергија во земјата.
Премиерот Петер Маѓар предупреди дека претстојат „најкритичните пет дена“ за земјата и ги повика граѓаните од понеделник внимателно да ја намалат потрошувачката на електрична енергија.
Причина за запирањето е драматичниот пад на нивото на реката Дунав, чија вода се користи за ладење на реакторите. Владата соопшти дека централата за првпат по 44 години е целосно исклучена поради недостиг на вода.
Властите стравуваат дека прекинот може да предизвика сериозни проблеми во снабдувањето со електрична енергија, особено затоа што следната недела во Будимпешта се очекуваат температури повисоки од 40 степени, што дополнително ќе ја зголеми потрошувачката.
Владата веќе воведе мерки за штедење електрична енергија. Граѓаните и компаниите се повикани да ја намалат потрошувачката во периодот од 17 до 22 часот, особено користењето на климатизери и машини за перење. Подготвен е и план за привремено ограничување на потрошувачката во индустријата, додека останатите електрани ќе работат со зголемен капацитет.
Европската комисија соопшти дека внимателно ја следи состојбата и е подготвена да свика итен состанок на групата за координација на електроенергетскиот систем доколку кризата дополнително се влоши.
Велешанец приведен откако при сечење метал предизвикал пожар кај Башино Село
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

