27 август 2026
• од Темелко Тошев
Нова ротација и уште едно одложување на процедурата за избор на судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП). Советодавниот панел на експерти при Советот на Европа го отфрли предлогот на македонската Комисија, Ана Дангова Хуг да биде една од трите предложени кандидатки за судија во Стразбур.
До Советот на Европа ќе биде испратено ново име – адвокатката Јелена Ристиќ, потврди претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, кој воедно е и претседател на Комисијата.
„По добивањето на известувањето од Министерството за надворешни работи дека панелот на експерти оценил оти третиот предложен кандидат, адвокатката Дангова, не ги исполнува целосно критериумите на Советот на Европа за судија во ЕСЧП, Комисијата одржа состанок на 20 август и едногласно одлучи адвокатката Ристиќ да биде новиот кандидат“, изјави Костадиновски.
Постапката за избор на македонски судија во ЕСЧП започна пред околу година и пол и оттогаш е проследена со бројни пречки и контроверзии.
Првата комисија ги предложи судијката Габриела Гајдова, обвинителката Ленче Ристовска и адвокатот Јордан Апостолски, но Владата, пред листата да биде испратена во Советот на Европа, ја поништи со кусо образложение дека кандидатите не ги исполнуваат условите. Потоа, Владата формираше нова комисија, предводена од претседателот на Уставниот суд, во која членуваат и претседателите на Врховниот суд, Кривичниот и Граѓанскиот суд, како и директорката на Академијата за судии и јавни обвинители.
Во ноември минатата година, оваа комисија, заедно со Апостолски, ги предложи и адвокатката Наташа Бошкова и деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Сашо Георгиевски. Во мај беше соопштено дека повторно треба да се предложи кандидат на местото на Апостолски, па беше предложена Дангова. Сега, по трет пат, листата е променета и токму од оваа листа Советот на Европа треба да го избере македонскиот судија.
Костадиновски се согласува дека постапката трае предолго и се надева дека овој пат ќе заврши со избор на судија, ако не на октомвриската сесија на Советот на Европа, тогаш во јануари.
„Точно е дека постапката се одолжи. Ниту јас не го очекував ова. Одложувањето има неколку причини, меѓу кои и брзината со која работи експертскиот панел. Ние како Комисија реагираме веднаш штом има некоја забелешка и веднаш предлагаме нов кандидат. Но, генерално, земајќи ја предвид работата на првата комисија и на оваа комисија, постапката трае предолго“, посочи Костадиновски.
Судијата Јован Илиевски, кој требаше да си замине од Стразбур на почетокот на оваа година, ќе остане на функцијата сѐ до изборот на неговиот наследник.
За новата промена, Комисијата (која одлуката ја донесе на 20 август) не ја информираше јавноста, за разлика од досегашната практика. Според Костадиновски, Комисијата овој пат одлучила постапката да се одвива подискретно и промените да не се објавуваат јавно, водејќи се од искуствата на некои други земји, каде експертскиот панел се соочувал со бројни поплаки и забелешки кон сите предложени кандидати, што дополнително го оптоварувало процесот.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

