26 август 2026
• од Темелко Тошев
Невладината организација „Еко-свест“ предупредува на загрижувачки случувања во Националниот парк Маврово. Според информациите добиени од локалното население, на терен веќе се поставени машини за сеча на шума со цел пробивање на пат за изградба на малата хидроцентрала (МХЕ) „Рибничка“.
Овој спорен објект, како што посочуваат од организацијата, е една од главните причини за одолговлекувањето на процесот за репрогласување на Маврово за национален парк.
„Институцијата која треба да ја штити нашата природа е заглавена во правен вакуум, бидејќи функционира врз основа на прописи од далечната 1949 година. Ваквото функционирање, што е резултат на недонесувањето на нов закон за прогласување на НП Маврово за национален парк, е во директна спротивност со целите на Законот за заштита на природата, овозможува нетранспарентно работење и ја доведува во прашање легалноста на активностите во паркот“, стои во острата реакција на „Еко-свест“.
Од организацијата потсетуваат дека Законот за заштита на природата е дециден: сите активности, а особено сечата на шумите, смеат да се спроведуваат исклучиво доколку се предвидени со План за управување и Програма за шумски екосистеми, во строго дефинирани зони. Во моментов, обемот на работа во Маврово се одвива без овие клучни стратешки документи, што според активистите е директно прекршување на законските рамки. Дополнително, тие посочуваат дека на веб-страницата на паркот недостигаат основните акти за работа како статутот, што укажува на недостиг на јавен увид и нетранспарентност.
„За изградбата на малата хидроцентрала на реката Рибничка имаше силна критика од меѓународната стручна јавност, Бернската конвенција, од македонските граѓански организации, како и од локалното население. Овој проект не само што не е во функција на заштита на природните вредности на паркот, туку прави директна штета за управувањето на ова заштитено подрачје!“, изјави Ана Чоловиќ-Лешоска од „Еко-свест“.
За надминување на овој проблем, организацијата бара итно донесување на нов Закон за прогласување на НП Маврово за заштитено подрачје. Според нив, тоа е единствениот начин да се стави крај на правниот хаос, да се стопираат незаконските активности и вистински да се заштити природното богатство.
„Министерството за животна средина и просторно планирање и Владата не смеат повеќе да го игнорираат овој проблем – репрогласувањето на НП Маврово е нивна законска обврска“, децидни се од „Еко-свест“.
Бугарските пациенти плаќаат едни од најниските регулирани цени за лекови во Европа
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

