27 август 2026
• од Темелко Тошев
Демократската унија за интеграција (ДУИ) преку реакција на социјалните мрежи остро ја осуди изјавата на Стојанче Ангелов, оценувајќи ја како неприфатлива и како реторика која поттикнува омраза.
Според партијата, изјавата на Ангелов во која тој, осврнувајќи се на Никуштак и општина Липково, вели дека „во 2001 година ги напаѓавме со тенкови, додека денес ги браниме со авиони“, е целосно неприфатлива.
„Во 2001 година, тенковите не напаѓаа само села, тие напаѓаа населени места и граѓани на оваа држава. По 25 години, да се зборува за тие настани со ваков јазик значи да се гази врз раните кои сè уште ги носат семејствата и граѓаните на оваа земја“, се вели во партиското соопштение.
Од ДУИ нагласуваат дека ваквиот јазик поттикнува поделби, но пред сè зборува за менталитетот на Ангелов и на „сите други ’Стојанчовци‘ кои и четвртина век подоцна продолжуваат да го гледаат Охридскиот мировен договор не како темел на мирот и соживотот, туку како закана“.
„Токму овој менталитет ја донесе војната во 2001 година и токму овој менталитет беше поразен од Охридскиот договор. Тој ѝ стави крај на логиката на тенковите и воспостави нов поредок, каде што државата мора да ги штити сите свои граѓани, без разлика на етничката припадност, јазикот или местото на живеење“, порачуваат од ДУИ.
Осврнувајќи се на актуелните пожари, од партијата додаваат дека е добро што државата денес го штити Никуштак од огнената стихија, но порачуваат дека би било уште подобро доколку сите сфатат дека секое населено место во државата заслужува еднаков третман.
„Денес е добро што државата го штити Никуштак од пожарите. Но, би било уште подобро доколку сите сфатат дека Никуштак, Липково, Тетово, Скопје и секое друго населено место се подеднакво дел од оваа држава и нивните граѓани заслужуваат еднаква заштита, почит и достоинство. Она што треба засекогаш да се изгасне не е само огнот во планините, туку и говорот на омраза и менталитетот кој сè уште ги дели граѓаните на ’ние‘ и ’тие‘“, се заклучува во реакцијата.
На крајот, од ДУИ потенцираат дека Охридскиот договор не е закана за Северна Македонија, туку напротив, тој е гаранција дека тенковите од минатото никогаш повеќе нема да се вратат меѓу граѓаните.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

