21 септември 2026
• од Тодор Вангелов
Кратка средба во хотелско лоби во Њујорк со американскиот државен секретар Марко Рубио, која според видеото објавено од премиерот траела помалку од 60 секунди, Христијан Мицкоски во својата објава на социјалните мрежи ја претстави како разговор со пошироко дипломатско значење за односите меѓу Северна Македонија и Соединетите Американски Држави.
Контактот со Мицкоски и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски се случил околу 19:05 часот, според временската ознака на објавеното видео.
Во официјалниот јавен распоред на Стејт департментот за 20 септември 2026, за Рубио во 17:20 часот бил предвиден „meet and greet“ со вработените и нивните семејства од Мисијата на САД при Обединетите нации во Њујорк. Настанот бил затворен за медиумите. Тоа значи дека краткиот контакт со македонските функционери се случил околу час и 45 минути по терминот наведен за овој настан во официјалната агенда на Рубио.
Во јавниот распоред за тој ден не е наведена посебна формална билатерална средба на Рубио со Мицкоски и Муцунски.
Дополнително, видеото што самиот Мицкоски го објави од средбата покажува дека непосредниот контакт со Рубио траел помалку од 60 секунди. На снимката не се гледа формат на билатерален разговор со делегации, туку кратка и неформална размена во хотелски простор.
Мицкоски во објавата наведе дека разговорот имал „особено значење“ и дека претставувал потврда на важноста на стратешкото партнерство и континуираниот политички дијалог со Соединетите Американски Држави.
Сепак, не само Мицкоски, туку и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски во посебна објава на социјалните мрежи го претстави истиот контакт како содржаен дипломатски разговор. Муцунски напиша дека заедно со премиерот „разговарале“ со Рубио и настанот го нарече „средба“, која, според него, била „уште една потврда за значењето на партнерството и континуираниот дијалог меѓу двете земји“.
Муцунски даде и поконкретна содржинска рамка на разговорот. Според неговата објава, биле разменети мислења „за прашања од заеднички интерес, билатералната соработка и сојузништвото во НАТО“, со определба за натамошно продлабочување на односите. Тој го спомена и Стратешкиот дијалог со САД како „важна рамка за конкретно унапредување на соработката“.
Со тоа, двете владини објави го опишуваат краткиот неформален контакт како разговор со повеќе дипломатски теми и пошироко значење за македонско-американските односи. Видеото објавено од премиерот, пак, овозможува да се видат времетраењето и форматот на самиот контакт — помалку од една минута во хотелски простор.
На објавите реагираше и опозицискиот СДСМ, кој ја оспори токму рамката во која Мицкоски го претстави разговорот. Од партијата го опишаа контактот како „неформално муабетење во ходник“ кое, според нив, премиерот го претставува како официјална средба на високо политичко ниво. СДСМ наведе дека формална средба од таков ранг би подразбирала кабинет или сала, агенда и записник.
Опозициската партија посочи и на отсуството на заедничко соопштение од Стејт департментот, потпис или јавно наведена агенда, сумирајќи ја критиката со пораката: „Ходникот не е кабинет“. Тоа е политичка оценка на СДСМ за карактерот на контактот, а не официјална квалификација од американска страна.
Како изгледа формален контакт на Рубио со странски висок функционер може да се види и од неговата агенда само неколку дена претходно. На 17 септември, средбата со литванскиот министер за надворешни работи Кестутис Будрис била заведена во јавниот распоред со точно определен термин: во 9:30 часот средба во Стејт департментот, а во 10 часот официјална церемонија за потпишување меморандум, отворена за медиумите.
На таа средба биле наведени и конкретни теми на разговор, вклучително стратешкото партнерство, регионалната безбедност, поддршката за Украина и економската и технолошката соработка, а бил потпишан и меморандум за соработка во областа на критичните минерали.
Кај краткиот контакт со Мицкоски и Муцунски таков официјален формат не е наведен. Македонските функционери, сепак, средбата ја поставија во рамка на стратешкото партнерство со Вашингтон.
„Овие разговори имаат особено значење и претставуваат потврда на важноста на стратешкото партнерство и континуираниот политички дијалог со Соединетите Американски Држави“, напиша Мицкоски.
Тој средбата ја опиша и како „директна комуникација на високо политичко ниво“, која, според него, претставува можност за размена на ставови за прашања од заеднички интерес, продлабочување на билатералните односи и зајакнување на позицијата на Северна Македонија како сојузник.
Муцунски употреби слична рамка, наведувајќи дека „во време на сериозни геополитички предизвици, силните партнерства и директната комуникација со нашите сојузници имаат уште поголемо значење“.
Од двете објави, меѓутоа, не произлегуваат информации за однапред договорена агенда, формален билатерален формат или конкретен договор постигнат во текот на контактот. Она што видеото го покажува е дека непосредната размена траела помалку од 60 секунди.
Мицкоски во својата објава акцентот го стави на политичкото и симболичното значење на разговорот.
„Во период на сериозни геополитички предизвици, силните партнерства и отворениот дијалог со нашите стратешки сојузници имаат уште поголема тежина“, порача премиерот.
Тој додаде дека Северна Македонија има „јасни државни интереси“ и дека продолжува да ги застапува заедно со своите стратешки партнери.
„Продолжуваме да го јакнеме македонско-американското стратешко партнерство и да создаваме нови можности“, напиша Мицкоски.
Така, кратката средба со Рубио во њујоршко хотелско лоби, која според видеото објавено од самиот премиер траела помалку од 60 секунди, во објавите на Мицкоски и Муцунски доби рамка на дипломатски разговор за стратешкото партнерство, НАТО, билатералната соработка и Стратешкиот дијалог, додека СДСМ ја оспори таквата презентација. Во јавниот распоред на американскиот државен секретар за тој ден контактот не е наведен како формална билатерална средба.
Бугарски вселенски успех: ЕндуроСат стана компанија вредна над милијарда долари
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

