13 август 2026
• од Темелко Тошев
Политичката аналитичарка и поранешна пратеничка Никица Корубин излезе со силна паралела за геополитичките и културолошките претензии на Балканот, споредувајќи го односот на Србија кон Македонија со оној на Русија кон Украина. Според неа, во основата на овие хегемонистички концепти лежи длабока потреба за присвојување на туѓ цивилизациски легитимитет.
Анализирајќи ги регионалните политики, Корубин посочува дека концептите кои претендираат на доминација врз соседите користат идентична матрица на дејствување. Целта не е само политичка, туку пред сѐ историска и културолошка.
„Српскиот свет се однесува кон Македонија на потполно ист начин како што рускиот свет се однесува кон Украина. Зошто? И на едните и на другите им треба културолошки и цивилизациски легитимитет кој го наоѓаат во тие две земји“, истакнува Корубин.
Осврнувајќи се на војната во Украина и руските мотиви, таа објаснува дека Москва смета оти без Украина ја губи својата историска основа и врската со најголемите култури на тоа време, пред сѐ Византија (Источното Римско Царство).
Корубин потсетува дека Украина е една од најстарите цивилизации, со богато наследство на Црноморскиот брег и силни врски со византиската и скитската култура.
„Тоа се темелите што ги бара Русија во Украина. Тој легитимитет ѝ треба на Русија за да има, условно кажано, 'тапија' дека е еднакво вистинска култура како и другите“, појаснува таа.
Пресликувајќи го овој механизам на Балканот, Корубин заклучува дека Србија ја користи Македонија за истата намена – како алатка за сопствено историско етаблирање и докажување на континуитет.
„На потполно ист начин или на многу сличен начин Србија ја третира Македонија. На српскиот свет, односно на великосрпската идеја, ѝ треба културолошката основа на Македонија, каде што таа ќе ја постави основата на својата средновековна историја“, децидна е Корубин.
Оваа анализа фрла поинакво светло врз културните и политичките притисоци во регионот, укажувајќи дека негирањето или присвојувањето на македонскиот идентитет и историја од страна на соседите често произлегува од нивниот сопствен недостиг на историска потврда и цивилизациски легитимитет.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

