13 август 2026
• од Темелко Тошев
Концептот на „српскиот свет“ претставува директна закана за суверенитетот и територијалниот интегритет на целиот регион, а неговата реторика е опасна, ретроградна и идентична со политиките на рускиот претседател Владимир Путин. Ова го истакнува аналитичарката и поранешна пратеничка Никица Корубин, предупредувајќи на сериозните геополитички предизвици со кои се соочува државата.
Според неа, овој хегемонистички концепт веќе не е само локален проблем, туку е нотиран и на највисоко европско ниво како дестабилизирачки фактор на Балканот.
Корубин посочува дека влијанието на овој концепт е сериозно сфатено во меѓународните кругови, особено во институциите на Европската Унија.
„Интересно е што во извештајот на Европскиот парламент, ‘српскиот свет’ се доведува во контекст на суверенитетот и територијалниот интегритет. Значи, потенцијално се загрозува целиот регион. Оваа синтагма е ставена во Извештајот за Северна Македонија, ама се однесува и за Црна Гора, и за Косово, и за Босна и Херцеговина. Тоа доволно говори колку станало влијанието сега силно,“ нагласува Корубин.
Сепак, таа смета дека Македонија со овој предизвик не се соочува од вчера, туку уште од почетоците на својата државност во 1991 година. И покрај притисоците, постоењето на независна македонска држава е најсилниот одговор кон ваквите ретроградни идеи.
„Самиот факт дека имаме независна и суверена држава е пораз за еден хегемонистички концепт кој тврди дека културолошки, историски и територијално припаѓате на друга територија. Напротив, сето она што ние сме го постигнале овие децении е потенцијален метафорички пораз за српскиот свет,“ децидна е Корубин.
Повлекувајќи паралела со глобалните случувања, таа предупредува на фрапантните сличности меѓу регионалните хегемонии и руската агресивна политика кон нејзините соседи. Идејата е иста – враќање на времето на царствата и бришење на границите поставени по Втората светска војна.
„Српскиот свет не зборува со речникот на светот по 1945 година, туку со речникот пред 45-та. Последното обраќање на Путин беше токму за тоа. Тој го доведува во прашање современиот свет граден по 1945 година – ние зборуваме со речникот на империите и царствата. Тоа е опасноста со која целиот свет се соочува во моментов,“ заклучува Корубин.
Нејзината анализа доаѓа во време на зголемени тензии во регионот и обиди за странско влијание врз внатрешните и надворешните политики на балканските држави кои се стремат кон евроатлантски интеграции.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

