12 август 2026
• од Темелко Тошев
Доцнењето во целосната имплементација на Охридскиот рамковен договор е последица на недостатокот на посебен механизам кој би го следел и контролирал процесот на неговото спроведување, оценува Насер Зибери, една од политичките фигури кои беа активни во процесот на изготвување на овој договор.
Во изјава за „ТВ Коха“, Зибери одговорноста за доцнењето им ја припишува на политичките партии кои низ годините биле дел од власта. Според него, Охридскиот рамковен договор, потпишан по конфликтот во 2001 година, требало да биде спроведен во целост во рок од четири години од неговото потпишување.
„Охридскиот договор е далеку од она што Албанците заедно го имаа како барање и очекување. Мислам дека за време на преговарачкиот процес не се постигнаа целите кои барем јас сметам дека беа неопходни. Вториот проблем на Охридскиот договор е екстремното пролонгирање на неговата имплементација во пракса“, вели Зибери.
Но, според него, доцнењето не е единствениот проблем кој го следи процесот на спроведување. Тој открива дека само неколку дена пред потпишувањето на договорот, преговорите меѓу двете страни биле прекинати поради случувањата во Карпалак. Преговорите запреле токму во моментот кога се дискутирале некои од најважните прашања на договорот, кои и денес се дел од политичката дебата.
„Големиот дефект на Охридскиот договор е тоа што тој не заврши со меѓусебен договор. Тој е потпишан, но преговарачки процес кој завршува со договор меѓу двете страни – нема. Причината е што разговорите во Охрид не завршија, туку беа прекинати како резултат на настаните во Карпалак. Како последица на тоа, во Рамковниот договор не беа затворени три клучни прашања: текстот на преамбулата, прашањето за употребата на јазикот и прашањето за високото (универзитетско) образование. Дури и денес, во Уставот кој е дериват на Охридскиот договор, високото образование на албански јазик не ни е загарантирано“, истакнува Зибери.
На 13 август се одбележуваат 25 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор. И покрај недостатоците и доцнењата во неговото спроведување, Зибери оценува дека договорот одиграл важна улога во унапредувањето на статусот на Албанците во Северна Македонија.
Во рамки на одбележувањето на 25-годишнината, на 12 и 13 август, под мотото „25 години потоа“, Владата организира серија панели и дебати. Во фокусот ќе бидат важноста на Охридскиот рамковен договор, случувањата по неговото потпишување, унапредувањето на меѓуетничките односи, како и патот на земјата кон европската интеграција.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

