12 август 2026
• од Темелко Тошев
Професорката на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Тамара Јованов, упати јавен апел и барање до надлежните институции итно да излезат со официјални информации за квалитетот и исправноста на водата за пиење во градот. Реакцијата следи откако во Штип е забележан драстично зголемен број на граѓани, а особено деца, кои се жалат на стомачни тегоби.
Според Јованов, ситуацијата на терен е загрижувачка, но од Општината сè уште нема никаква потврда ниту демант дали ширењето на стомачниот вирус е поврзано со водата за пиење.
„Во Штип скоро секоја втора куќа е со стомачен вирус, а надлежните не најдоа за сходно да објават дали е или не е поврзано со водата за пиење“, посочува таа.
Професорката нагласува дека по неодамнешните случувања со проблемите со водата во Гостивар, недозволиво е Општина Штип да не објавува официјални податоци за безбедноста на водата која секојдневно ја консумираат граѓаните. Дополнителен проблем создаваат и различните неофицијални информации кои кружат меѓу населението – од тврдења дека водата е целосно исправна, до сосема спротивни предупредувања.
Јованов потсетува дека Општината има законска и морална должност навремено да ги информира граѓаните за вакви клучни прашања поврзани со јавното здравје и животот. Таа додава дека ситуацијата е уште посериозна ако се земе предвид фактот дека Штип е универзитетски центар каде секојдневно престојуваат и илјадници студенти.
„Зошто нема официјално соопштение? Дали нешто се крие или едноставно на власта не ѝ е гајле до степен каде не сака ни да нè информира?“, прашува револтирано Јованов.
Во своето обраќање, таа упати и остри критики до општинските служби задолжени за информирање на јавноста, заклучувајќи дека граѓаните заслужуваат проверени, точни и навремени информации, особено кога на мета е нивното здравје.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

