04 септември 2026
• од Темелко Тошев
Познатиот новинар и аналитичар Љупчо Зиков упати сериозно предупредување за иднината на Македонија доколку државата не го продолжи својот пат кон Европската Унија. Според него, алтернатива за членството во ЕУ не постои, а секој застој во евроинтеграциите директно значи и економска стагнација од која земјата нема да може да закрепне.
Зиков децидно потенцира дека Македонија без Европската Унија не може да опстане на долг рок, ставајќи го притоа акцентот на економијата како главен двигател на стабилноста.
„Мојата проценка е дека ако ние не влеземе во Европска унија, ние ни економски не можеме да покранеме горе. Мислам дека Македонија без ЕУ не може да опстане на долг рок, значи пред се економски. Сите економски проблеми на долг рок одат во политички проблеми. Значи, на долг рок економијата доведува до политички проблеми кои ќе се појавуваат кај заедниците во Македонија. Така се распадна и Југославија“, истакнува Зиков, предупредувајќи на верижната реакција што ја предизвикува економската несигурност.
Во својата анализа, Зиков ја критикуваше и пасивноста на институциите, нарекувајќи го парадоксално отсуството на конкретни чекори кон Брисел во изминатиот период, иако, како што вели, „се знае што треба да направи Македонија“.
Тој посебно се осврна на неодамнешните наративи кои се појавуваат во јавниот дискурс, а кои служат како изговор за неработењето.
„Парадоксално е вие две години на власт да не повлечете потег кон Европска унија. Дури имавме и една изјава на дел од владата, од министерството, каде што кажаа дека Унијата ќе се распаѓа, па така ние нема да бидеме приморани“, посочи Зиков, осврнувајќи се на ваквите тези како несериозни за државната политика.
Според аналитичарот, единствениот логичен и одржлив „модус операнди“ за Македонија е сојузот со Европската Унија. Тој потсети на геополитичката реалност и опкружувањето на земјата, каде што изолацијата едноставно не е опција.
„Политички најбенигно да зборуваме – Грција е членка, Бугарија е членка, Албанија ќе стане членка. Сите околу вас се во тој сојуз“, заклучува Зиков, укажувајќи дека останувањето надвор од европското семејство би значело целосно маргинализирање на државата во регионот.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

