13 јули 2026
• од Темелко Тошев
Во својата најнова статија за бугарскиот портал Actualno.com, новинарката Деница Китанова анализира дека „српскиот свет“ и српското влијание сè повеќе продираат во институциите на Северна Македонија. Како главни аргументи за ова тврдење, таа ги посочува соработката на македонскиот Уставен суд со оној во Србија, како и неодамнешните заеднички полициски патроли во Охрид.
Китанова пишува дека Уставниот суд на Северна Македонија неодамна обелоденил дека има меморандум за соработка со Уставниот суд на Србија. Оваа информација излезе во јавноста како одговор на обвинувањата за политизација на институцијата. Македонските судии категорично ги отфрлиле ваквите обвинувања, истакнувајќи дека меѓународната соработка е нивна стратешка заложба и не треба да се злоупотребува за дневнополитички и партиски пресметки. Судот потсети дека годинава потпишал меморандуми и со уставните судови на Косово и Египет, како и дека претседава со Балканскиот форум на уставни судови.
Сепак, бугарската новинарка го става ова во контекст на очекуваната одлука на истиот тој Уставен суд во врска со иницијативата против впишувањето на Бугарите во македонскиот Устав. Таа потсетува дека постапката беше покрената во август минатата година по иницијатива на поранешната пратеничка и лидерка на ДОМ, Лилјана Поповска, која го оспорува протоколот потпишан меѓу владите на Бугарија и Северна Македонија во јули 2022 година – документ кој е клучен за преговарачката рамка со ЕУ.
Понатаму, во статијата се нагласува присуството на српски полицајци кои деновиве почнаа да патролираат низ Охрид. Иако оваа мерка е договорена како дел од Протоколот за соработка за време на летната туристичка сезона меѓу министерствата за внатрешни работи на двете земји, Китанова ја толкува како уште еден доказ за продирањето на српското влијание.
Според новинарката, и информациите за полициските патроли и соработката на Уставниот суд доаѓаат во време на сè поширокото присуство на „српскиот свет“ во Северна Македонија. На крајот од текстот, таа посочува дека ваквото влијание не е само нејзина констатација, туку нешто што веќе било нотирано и во последната резолуција на Европскиот парламент усвоена во јуни оваа година.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

