11 јули 2026
• од Темелко Тошев
Опозициската СДСМ денеска излезе со жестоки критики кон актуелната власт, обвинувајќи ја дека прави само привид на правда со продажбата на дел од запленетиот имот на поранешниот премиер Никола Груевски. Од партијата посочуваат дека додека граѓаните се соочуваат со егзистенцијални проблеми и минимална плата од 400 евра, државата продава станови вредни неколку милиони евра, игнорирајќи го фактот дека Груевски располага со милијарди надвор од државата.
Во партиското соопштение, СДСМ истакнува дека продажбата на становите е само „ситница“ во споредба со вистинското богатство на поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, кој избега во Унгарија за да ја избегне затворската казна во Идризово.
„Се продаваат станови и имот во вредност од неколку милиони евра, додека Груевски и неговото семејство располагаат со имот и средства во вредност од над 2 милијарди евра. Вистинската сума се наоѓа надвор од земјата. Наместо Груевски да биде испорачан и да одговара за изгубените години на цела генерација Македонци, да се конфискува тој имот и тие пари, Владата продава само неколку станови“, се вели во реакцијата на СДСМ.
СДСМ во своето обраќање директно го нападна и актуелниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, нарекувајќи ја владејачката партија „организирана криминална група“. Од опозицијата прашуваат зошто со месеци нема одговор дали се испратени документите за екстрадиција на Груевски.
Според нив, Мицкоски не само што не ја осудува политиката на својот претходник, туку и ја продолжува неговата практика на луксузирање на грбот на граѓаните.
„Денес истото го гледаме и кај Мицкоски, само во понова и поагресивна верзија. Ова не е минато, ова е сегашноста на ВМРО. Додека народот се бори да преживее, криминалците од минатото и нивните наследници и понатаму се движат слободно“, додаваат од партијата.
На крајот од соопштението, СДСМ испрати порака дека „народот не заборава и не простува“. Тие најавуваат формирање на широк фронт кој ќе донесе правда и отчетност.
Според партијата, наскоро доаѓа време кога државата повторно ќе им припадне на граѓаните, а пред лицето на правдата ќе треба да одговараат не само Груевски, туку, како што велат, и сите негови ученици и продолжувачи на неговото дело.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

